[Интервју] Катаржина Прускевич – како да препознаеш интернет трол

Политика, корупција и како да се справиме со интернет троловите, беа дел од темите за кои разговаравме со Катаржина Прускевичедна од говорничките на овогодинешната конференцијa за општествен активизам, „Engage“. Прускевич e студентка по новинарство од Полска, која поминала шест месеци како практикантка во фарма за тролови и бот профили кои ширеле платена политичка пропаганда. Како вработена во компанијата @CatNet, таа имала можност прикриено да ги истражува активностите на компанијата, додека и плаќале за објавување платена политичка содржина, лажни вести и ширење на дезинформации.

Објаснувајќи го своето искуство како говорничка на „Engage“, Катаржина истакна дека за време на шесте месеци работа за @CatNet, 14 луѓе воделе стотици лажни профили кои добивале илјадници импресии секојдневно. Таа откри дека вработените биле лица со инвалидитет кои не биле професионални новинари, па своите објави ги пишувале природно, со што другите луѓе имале впечаток дека станува збор за индивидуални ставови.  Вработените работеле од дома, а се координирале преку приватна група на „Слак“ насловена „The lame rebelion“ („Досадниот бунтовник“), во која Катаржина била примена по три месеци. Единствената инструкција која таа ја добила било нејзиниот профил да биде автентичен, па таа објавувала и работи од нејзиното секојдневие, како слики од универзитетот каде што студирала, домашниот оброк кој го зготвила и убавите маникири.

Во интервју за Радио МОФ со Катаржина Прускевич разговаравме за нејзиното искуство, како да ги препознаеме и се справиме со троловите.

Како одлучи да се пријавиш на огласот на @CatNet, со цел прикриено да работиш на фармата за тролови?

Се одлучив да го направам ова, бидејќи според моето мислење, сите треба да знаат дека се манипулирани. Интернетот е полн со дезинформации, а троловите постојат откога постои интернетот. Поради тоа, сега треба да сме повнимателни и да ги проверуваме нештата кои ги читаме. Како студент по новинарство јас го знам ова, но другите луѓе не знаат дека постои можност веста што ја читаат да е лага, дезинформација, бидејќи не го проверуваат изворот на информацијата. Јас сакам да ја извлечам вистината за реалноста на интернет.  Постоењето на троловите во Полска е познато, а троловите се насекаде по светот.

Работејќи како твитер трол шест месеци, што би ги советувала луѓето, како да ги препознаат ваквите ботови?

Луѓето при користење на социјалните мрежи не ги проверуваат профилите, ниту пак линковите со кои се поврзуваат со други платформи. „Фејсбук“ профилот беше поврзан со „Инстаграм“, „Јутјуб“ и Твитер, а она што треба да го направиме како млади луѓе е да ги проверуваме профилите, изворите, да бидеме скептични и да не веруваме баш во сѐ. Кога ќе наидеме на профил за кој мислиме дека е трол, треба да ја „прогугламе“ личноста и да го провериме постоењето на други профили на останатите платформи. Трол профилите најчесто немаат многу пријатели и следбеници, имаат генерички профилни слики, најголемиот број од објавите се политички, најчесто ставови според идеологијата која ја следат.

Со дигитализацијата дојдоа и новите начини на ширење пропаганда. Дали треба да се регулира Интернетот и креирањето тролови?

Постоењето тролови не е законски регулирано, тие не прават ништо нелегално. Оттаму, моето мислење е дека регулацијата за оваа појава треба да дојде од „Твитер“ и „Фејсбук“, бидејќи профилите функционираат токму на овие платформи. Треба да биде илегално политичкото рекламирање на „Фејсбук“. Знам дека „Твитер“ сака да го блокира политичкото таргетирање и тоа е супер идеа, но „Фејсбук“ сѐ уште не воведува конкретна мерка против оваа појава, бидејќи сѐ се врти околу пари. Денеска, политичките избори и политичките кандидати се на интернет. Сите промени се на интернет, а кога имаме претстојни избори бараме податоци за мислењето на луѓето, на пример дали тие ќе учествуваат на изборите и какви ставови имаат.

Кој е најдобриот начин да се справиш со твитер бот?

Пријавете го профилот како лажен до платформата на која е отворен, пријавете го за навредлива содржина и очекувајте социјалните мрежи да преземат мерки. Луѓето кои работеа, ова го правеа за пари, како обична работа, не размислуваа за последиците. Немаа морални дилеми.

Што се случи по објавувањето на твојата истражувачка сторија?

Тоа беше скандалозна вест околу една недела, потоа вниманието на јавноста се префрли кон нешто друго. Не сум оптимистична и сум многу сум фрустрирана поради тоа што мојата статија не промени ништо.  Новинарите од другите земји беа позаинтересирани за оваа тема отколку полските новинари. Трол профилите сѐ уште постојат, но не објавуваат. Компанијата @CatNet е затворена, постои само нивната веб страна. Јас успеав да затворам една трол фарма, но според мене, во Полска има уште вакви компании.

Дали компанијата или пак некои од клиентите јавно се обратија по објавувањето на статијата?

Еден од политичарите кој употребуваше тролови за лична корист, во моментов на интервјуво е дел од Парламентот, иако целосната негова кампања беше создадена од троловите.

На кои теми најмногу сакаш да известуваш и која е промената која сакаш да ја видиш?

Во иднина се надевам дека сѐ уште прикриено ќе истражувам и известувам бидејќи дезинформациите и манипулациите се појави кои сакам да ги спречам. Јас цело време сум онлајн, но по искуството со трол фармата, разбирам колку е опасно. Јас сум млада новинарка и иако е наивно и идеалистички, сакам да го сменам светот со моите зборови и статии и да продолжам со истражувачкото новинарство.

Ивана Смилевска

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.