[Интервју] Јаков Наумоски од „Lincoln Letter“: Бираме да твориме рок бидејќи е многу другарски жанр

Младиот состав „Lincoln Letter по повеќе од тригодишна пауза утре ќе извади нов албум „Raise The Sails“, кој во недела ќе биде промовиран и во Младинскиот културен центар во Скопје. Но, бендот не го гледа настанот како класична промоција, туку една свирка што ќе биде дружба и журка со аудиториумот. Впрочем, самиот рокенрол пристап го сметаат за нешто што соединува, како жанр што е солидарен и другарски, па се прилично возбудени да ја споделат музиката и таа да продолжи живот заедно со публиката. 

Кога последен пат „Lincoln Letter“ објавија албум, тоа беше „Bedtime Stories“ кога фатија брановите на пандемијата. Гитаристот и вокал Јаков Наумоски замина на студии во Америка, па оттука е и таа издавачка „дупка“ од неколку години.

Но, Наумоски периодично пак доаѓа во Македонија, заедно работеа на второто музичко парче и спотови со останатите членови – Јулијан Мицевски на гитара и сајзери, Борјан Гаговски на бас и некогаш на гитара, но и Стефан Сајковски – Сајче, како тапанар на двата студиски албуми. Продолжено семејство им е Андреј Ѓоршевски на гитара и пратечки вокали, а за последниве настапи им улета и Јан Стефановски како тапанар.

Наумоски во интервју со Радио МОФ раскажува дека сите во бендот во одреден период твореле во различни жанрови. Сите слушаат и различна музика, а сепак се спојка што функционира како „Lincoln Letter“.

„Конкретно, јас и Андреј свириме класична гитара од мали деца. Класичната музика ни е силна страна. Од друга страна, студирам филмска музика и тоа ми голема љубов. Јулијан, пак, е голем фан на трип-хоп и е диџеј во својата ноќна работа. Борјан слуша се’. Така што, запознаени сме со различни жанрови, но бираме да твориме рок бидејќи е многу другарски жанр. Знае да обединува, некогаш да ги изодиш и најтешките емоции и да ги претвориш во среќа. Секогаш знаеме да си ја оправдаме таа потреба да бидеме во рок жанр, бидејќи ни е најомилен“, раскажува Наумоски.

Ако првиот албум беше „каубојски“, новиот „Raise The Sails“ е во тотално „пиратски“ филм, како придружна тематика и подлога за музиката.

„Отсекогаш поентата беше и звукот и изразот да бидат филмски. Дури и каубојскиот жанр го земавме како таков, бидејќи имавме потреба работите што ни лежеа на срце да ги кажеме и отсликаме на малку поинаков начин. А за вториот албум рековме, како на шала: ‘многу би било добро ако нареден албум е пиратски!“. Отпосле, откако ја пробавме првата песна да е ‘пиратска’ – сфативме дека таа се спојува со рок музиката“, се присетува Наумоски.

За него е несомнено дека бунтовништвото во рокенролот природно се „лепи“ со она „пиратското“.

„Скроз оди едното со другото. Прво, пиратите историски биле бунтовници против империја. Тој дух се совпаѓа со рок музиката. Имав и јас, да речам, анти-империјалистички идеи што сакав да ги пренесам низ таквиот оквир“, посочува Наумоски, додавајќи дека неговите текстови соодејствувале со работите што му се случувале во животот – приказни за морнар изгубен на море, или пиратски екипаж што патува далеку.

„Многу се поистоветив со тоа“, потенцира младиот музичар.

Песната „Skull & Bone“ ја имале на лагер подолго време, своевидна водилка за останатите теми во албумот. Таа беше и првиот сингл што излезе во вид на спот. Го снимаа на стартот на летово на повеќе локации: Преспанско Езеро, Куршумли Ан во Старата скопска чаршија, дел и во хангар…

„Снимавме еден кадар и на галијата што се распаѓа на Вардар. Тоа е онаа галија кај хотел ‘Холидеј ин’. Истата локација на тој пиратски кадар, на местото каде стоевме, една недела после снимањето беше запалена. Луѓе ми праќаа снимки, реков ‘Ова е блесаво’. Среќа што снимивме на време! Не ние, ама некои други пирати ја запалиле“, раскажува Наумоски низ смеа.

Целиов период освен што снимаат материјал, дечките го користат времето да следат и се дружат со други автори и состави од новиот музички бран. Генерално, вели Наумоски, му се допаѓа што за прв пат заеднички почна да функционира сцената. Се формира заедница каде уметниците учат еден од друг и растат заедно, додека претходно впечатокот бил како „секој е за себе“. Тоа било актуелно и кога настанале како бенд.

„Но, во последно време баш гледаме како многу повеќе се сплотени бендовите и артистите. Многу од нив ни се добри другари, па ги пратиме. Пример, Мартин Џорлев („Луфтанза“, „Стој, после!“, „Зулу 3.4“) го знам уште од средно школо. Тој ми е близок соработник, некогаш директно, некогаш индиректно. Меѓутоа, отсекогаш бил на некој начин дел од нашава приказна. Потоа, со Раде Биковски („Луфтанза“, „Конспираси“, чиј микс и мастер е на албумот) се знам уште претходно. Со Раде и Бојран како помали одевме заедно во музичката школа ‘Ентерпрајз’, свиревме заедно на концерти. Раде сега не застанува да работи со бендови, цело време! Овие млади луѓе, начинот на кој размислуваат музички е неверојатно висок“, дециден е Наумоски.

Уште едни музички пријатели на „пиратите“ им се „Peach Vice“, најавени и како специјални гости на свирката во МКЦ. Целта е да направат заедничка журка.

„Се договоривме уште од старт дека најдобар бенд со кој ова би го правеле е токму ‘Peach Vice’. Ни беше чест, а штом им се јавививме – одма рекоа ‘ДА!’. Впрочем, тоа го кажаа и на промоцијата на спотот. Така што, сакаме да отсвириме и двата бенда најжестоко и најенегично што знаеме. Да го покажеме нашиот албум, меѓутоа да се навратиме и на некои од постарите песни. Исто така, да дадеме спотлајт на музиката на ‘Peach Vice’ што сметаме дека е генијална“, најавува Наумоски.

Дополнително, најавува, вториот албум на „Lincoln Letter“ утре излегува на сите стриминг платформи како Јутјуб, Спотифај, Бендкемп и на се’ она што во денешно време се слуша музика.

„Идејата е оној што ќе стигне да го чуе, да го искуси другиот ден во живо во МКЦ. А, оној што нема да стигне да го чуе, после концертот – да му се наврати и да види како му ‘лепи’ по дома. Самиот албум е доста концептуален и си тече од почеток до крај, со посебна збирка на песни. Во живо нема да биде баш така, меѓутоа, сепак ќе се потрудиме да го прикажеме во најдобро светло. Нашиот главен тапанар Стефан Сајковски – Сајче, нема да може да присустува на свирката, но ќе го заменат повеќе луѓе со нас на сцена“, посочува тој.

По свирката во МКЦ, Наумоски набрзо пак се враќа на студии во Америка. Сепак, тврди тој, нема да заврши гладот за музика. Сите членови од бендот веќе свират по други состави, или наоѓаат разни начини да прават и живеат музика.

„Лично имам два бенда во Бостон. Таму свирам гитара и ми е полесна обврската, но многу забавна. Едниот бенд се вика ‘Voodoo Baby Aliens’. Тоа го викаме интерстелар џез-панк. Ама, во суштина е рок бенд скриен како џез-фјужн бенд. Другиот е прогресив-метал бенд кај што свирам гитара, а постои и гудачка секција и дувачи. И останатите членови од ‘Lincoln Letter’ цело време се со музика. Цело време креираме, дури и кога не ни е приоритет ‘Lincoln’. Приказната не завршува. Не секогаш имаме време да се посветиме, но знаеме дека е глупаво да и’ ставиме крај, само затоа што повремено не сум тука“, констатира Наумоски.

Бојан Шашевски
Фото: Lincoln Letter/Фејсбук