„Art Games“ во МКЦ – поместување на границите за креативно и инвентивно творештво

„Порив е вашата креативност, оружје е вашиот талент, а местото на битката е МКЦ“.

Ова е мотивирачка порака од повикот на Младинскиот културен центар (МКЦ) за учество на првото издание на „Art Games“, нова возудлива содржина што ќе се одржува во рамки на јубилејот од „50 години МКЦ“.

Станува збор за тридневен уметнички натпревар од 15 до 17 јуни на кој сите уметници и креативци може да ги тестираат вештините и да се борат за големи награди. Односно, активности внимателно смислени да ги стават на тест сите техники, целата креативност и да ги поттикнат да дадат се’ од себе.

„Целта на тридневниот натпревар е да се раздвижи ликовниот амбиент во Македонија. Да се поместат границите за креативното и инвентивното творештво, и на крајот да се акцентира ликовната размисла во граници на забава и игра“, велат од МКЦ за Радио МОФ.

Натпреварот е сочинет од 7 игри, а од Центарот напоменуваат дека идејата дошла од корејската серија „Squid Game“ и дека бодувањето ќе биде од самите играчи меѓусебно, помогнати и од публиката. Така да, нема место за местенка.

„За квалификации потребно е главно учесникот да има ликовни знаења од повеќе дисциплини на ликовното творење. Треба да е снаодлив и секако брз во творењето на зададената тема“, објаснуваат од МКЦ.

Центарот првпат организира ваков тип игра, ако се изземат едукативните програми за деца, па со нетрпение чекаат да видат како ќе излезе сето ова.

„Инаку во времето на триесетите години наводно и самиот Пикасо знаел да предизвика некој свој колега, можеби младиот Модиљани за да ги вкрстат своите четки за потоа кафанската публика и тогашните боеми да ги рангираат делата. Предизвикот на ликовна борба опстојува низ години, се надеваме дека овојпат баш ние како МКЦ ќе го извадиме на виделина овде. Инаку идејата е низ играта да се поттикнуваат играчите и публиката да размислуваат повеќе на креативноста и оригиналноста, со единствена цел да се покаже својот квалитет пред другиот“, посочуваат од МКЦ.

Тимот од друга страна оди и во своевидна мисија да ја пополни онаа „дупка“, односно места во физичкиот простор, настрана од онлајн зоната, каде би се организирале и одвивале вакви игри и уметнички натпревари.

„Се надеваме дека тој недостаток ќе го пополниме со тоа што ‘Art games’ ќе продолжи да се оддржува секоја година, се надеваме со се’ повеќе содржини и ликовни предизвици“, велат од МКЦ.

Инаку, пријавувањето преку повикот тече до 5 јуни до 12 часот, а право на учество има секој на возраст меѓу 18 и 40 години. Вклучени се главна и останати награди со ваучери за билети во МКЦ, изложби и други придобивки од центарот.

Бојан Шашевски