Органскиот производ има двостран аспект – консумацијата (здравствениот), меѓутоа и ефектот, еколошкиот отисок врз природата. Идејата не е да увезуваме ориз од Тајланд, којшто најчесто од Холандија или Германија е пакуван и дистрибуиран до Македонија на нееколошки начин, чуван во фрижидери кои не се енергетски ефикасни, во безброј пластики. Ќе го видиме еколошкиот отисок, поминатите 10.000 километри до земјава, наспроти локален кочански ориз кој е конвенционално произведен и минал 120-130 километри до скопска продавница, а притоа средствата остануваат на локалната заедница. За мене вториов избор е многу подобар, вели Билјана Филиповска од „Наша Добра Земја“ во разговор за Радио МОФ.
„Наша Добра Земја“ е првата кооператива на потрошувачи на органска храна. Се работи за непрофитна задруга чиј концепт опфаќа елементи на природата, екологијата, биодиверзитетот и органското производство.
Филипова нагласува дека не е тоа органска храна како нов маркетинг или мода која ја тераат на оние кои можат да си обезбедат храна поради повисоката куповна моќ, туку суштината е набавка на свежи, сезонски, хемиски нетретирани и апсолутно локални производи. Не веруваат во увоз и извоз. Ако не е локално, смета таа, органското го губи еколошкиот бенефит на глобално ниво.
„Засега функционираме со една продавница во Тафталиџе. Пред две години се регистриравме како формална група, претходно исто толку функциониравме и неформално. Си набавувавме за нас (потрошувачите) од производители кои ги знаевме лично. Ги посетувавме и проверувавме дали произведуваат без хемија, а потоа решивме да отвориме продавница и да се регистрираме како задруга. Сега нудиме и опција за членство. Членовите ја поддржуваат задругата неколкуслојно, плаќаат членарина и со тоа добиваат одредени бенефиции на попристапни, пониски цени, посета на производи, учество на работилници, бесплатни обуки, волонтерска работа кај нашите производители…“, објаснува Филиповска.
„Неделна органска кошничка до секој дом“
Концептот на „Неделна органска кошничка до секој дом“ потекнува од концептот на „Земјоделие поддржано од заедницата“ (Community supported agriculture – CSA), којшто фаќа подем низ цел светот. Тоа значи – однапред се договараат количините и производите со одредени производители за откуп, со цел тој ланец на производство и достава да нема никаква загуби.
„Статистички од Светската здравствена организација е наведено дека вишоците на храна кои се фрлаат е третиот најголем загадувач во светот кога би бил земја, по Кина и Америка. Според статистиките, во Виена секој ден се фрла три тони здрав леб, неискористен. Минатата година во Индија се фрлени 25.000 тони пченица поради несоодветни услови на чување, пласман и искористување.
Фрламе ресурси без размислување, така што овој концепт на ‘кошничка’ нас ни овозможува да имаме увид што, колку, кога и кон кого ќе продадеме. Ни ги поедноставува односите и комуникациите кон производителите, а тие исто се многу задоволни, затоа што знаат дека во соработката со нас им е решен пласманот, кој пак е најголем проблем на секој производител“, потенцира Филиповска.
Имаме една Земја, а на глобално ниво користиме пет Земји
„Ако зборуваме од аспект на раст, ние не сакаме раст кој е поврзан со ‘Ексел и со нули’ (така го викаме интерно), затоа што тој раст навлекува неповратно исцицување на природни ресурси и негенерирање на една еколошка средина. Имаме една Земја, а на глобално ниво користиме веќе пет Земји, целото општество живее на кредит. Ние не се гледаме себеси како бизнис, туку како непрофитна задруга на потрошувачи, како ентитет кој е тука да ги поврзе производителите на органска храна и потрошувачите, нас самите, и да вклучи што повеќе луѓе кои сакаат да бидат дел од ова органско движење во Македонија“, вели Филиповски.
Таа наведува повеќе предизвици. Постојат само два предмети кои минуваат во склоп на додипломските студии (на Земјоделски факултет). Недостасуваат истражувачки центри, недостасуваат и „Оne stop shops“, места каде секој нов производител би се едуцирал, бесплатно или со симболични суми.
Од аспект на државата, ресорно е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Постојат две сертификациски куќи, имаме Закон за органско земјоделие, но и повеќе од 300 сертифицирани органски производители.
„Така што, тука се првите основните поставки за развој на пазарот. Секогаш може да има подобрувања. Субвенциите за органско производство во некои случаи се двојно повисоки во однос на конвенционалното. Од моите увиди (органското н.з.) не е приоритет, меѓутоа, на страна од институционална поддршка или не, ние сме тука директно да соработуваме со оние кои се заинтересирани да произведуваат органски“, напоменува таа.
Потврдува дека во овој период на нивното постоење има значителен пораст на интерес. Сепак, најголемиот предизвик е недовербата дека навистина е органско, без разлика дали се сертифицирани производите.
„Една општа институционална недоверба, која најверојатно постои во сите сфери, се пресликува и тука. Вториот аспект е нашиот предизвик да убедиме производители да се префрлат и да произведуваат органско, затоа што има малку достапни информации на македонски јазик, малку места каде самите можат да се едуцираат како да преминат во органско производство. Тoa се аспекти кои го диктираат зголемувањето и намалувањето на интересот“, забележува Филиповска.
Како референтна паралела, органската храна и во развиени земји како Австрија и Данска изнесува не повеќе од 8 отсто од пазарен сегмент, од потрошувачката. На глобално ниво органската храна не е навлезена во мејнстрим. Кај нас, вела таа, тоа се уште е под 1 процент, главно во скопскиот пазар.
Нов модел за зачувување на локалните ресурси и производители
Фокусот на задругата не е само да набавување органски производи, туку членувањето во неа е и директен начин на изразување критицизам кон актуелниот доминантен начин на одгледување храна.
„Глобалниот индустриски систем за производство на храна го ништи малиот локален производител. Го ништи автохтоното локално семе. Ги ништи малите локални заедници каде што лежат најголеми познавања на природата и природните циклуси и процеси. Можеби не можеме против тој гигант кој што е насекаде навлезен и ги намалува цените до бескрај, и се увезуваат и извезуваат производи.
На пример, Македонија увезува производи за кои имаме перфектни услови ние самите да ги произведуваме. Во Теарце повеќе не се произведува живина. Непроизведување на живина влече дека немаме арско ѓубре, кое е неопходно за органско производство на храна. Цели локални заедници каде што порано се произведувало на потрадиционални начини сега се веќе разнебитени“, вели Филиповска.
Со нивниот мал допринос се обидуваат да направат еден нов модел, адаптиран на моменталните светски случувања. Да не бидат комплетно надвор од контекстот, но истовремено се враќааат на традиционалните вредности за локално производство, локална заедница. Односно, да останат ресурсите, средствата и знаењата тука, во земјава, а истовремено да се пренесат на наредните генерации.
„Засега сме доста среќни (со моделот) и наоѓа на доста добар прием, затоа што бевме скептични како урбаните средини и луѓето кои се навикнати да имаат портокали ‘3 за 100’. Ако е евтина храната прво доаѓа прашањето што има во неа, од каде е донесена, кој е еколошкиот отисок, кој ја произвел… Треба да бидеме малку посвесни што внесуваме. Затоа што на долг рок, свесни сме дека се зголемуваат процентите на болестите. Секој во своето блиско опкружување има болен од рак. Тоа не е случајно. Нашиот обид е во тој правец“, констатира таа.
*Разговор со Билјана Филиповска е првично објавен во подкаст на 20 април.
Бојан Шашевски и Даниел Евросимоски