[Интервју] Даниела Јанева: Клучен фактор за уметност е да се има конзистентност

Даниела Јанева млада современа уметница од Скопје. Таа е голем љубител на уметноста којашто создава свои уметнички дела. Нејзиниот стил претставува современост и уникатност. Даниела го има освоено првото место за најдобро дело во конкурсот „Климатска акција преку уметност” воден од GoGreen.mk.

Нејзината порака позади ова дело гласи: ,,Самата Земја се труди да се бори против тоа што ние, луѓето, го создадовме. Сето тоа ѓубре и глобалното затоплување е едно големо чудовиште кое сака да ја уништи нашата единствена Земја, затоа и ние треба да и помогнеме.” Во интервју со неа поразговаравме за нејзината инспирација и процес на создавање.

Кога започна да се занимаваш со уметност?

Уметноста секогаш била околу мене, затоа би рекла дека од мали години цртам. Всушност мојата баба ме запозна со оваа вештина. Заедно цртавме и создававме секакви приказни коишто ме надградуваа со креативност.

Кои се твоите најголеми уметнички влијанија?

Моите најголеми уметнички влијанија се стриповите и мангите што ги читам, но и детските книги кои ми ги читаше баба ми како мала.

Од каде добиваш инспирација?

Секогаш сум инспирирана од други уметници, музиката или пак од околината во која што се наоѓам.

Во кое време од денот добиваш најмногу мотивација за уметност?

Зависи од денот. Мотивацијата може да дојде во секое време, дури и во 3 часот наутро.

Што те мотивира да создаваш (уметност) ?

Најчесто ме мотивираат другите уметници како и мојата имагинација.

Дали уметноста ти помага во други области од твојот живот?

Да, таа секако дека помага. Преку неа можам ги искажам моите чувства на полесен начин и повизуелен начин.

Како ги развиваш твоите уметнички вештини?

Секој ден цртам по неколку часа. Се разбира има и денови во кои воопшто не ми се мисли за цртање. Клучен фактор е да се има конзистентност.

Кажи ни нешто за твојот стил на уметност?

Мојот стил е инспириран од многу работи, но најмногу од стрипови, илустрации и корици на книги. Секоја инспирација што ја добивам се обидувам да ја вклопам, односно поврзам една со друга за да можам да создадам свое уникатно дело.

Кажи ни нешто за твојот WEBTOON. (,,Webtoon” e дигитален стрип кој потекнува од Јужна Кореја, обично наменет за читање преку мобилен телефон)?

,,Springly Sardines” е еден вид збирка од секојдневни ситуации во еден тинејџерски живот. Некои тинејџери се екстровертни, но други се интровертни и тешко се социјализираат со своите врсници. Токму таков тинејџер е протагонистот Луис во оваа приказна.

Кажи ни нешто за твоето последно уметничко дело?

Моето последно уметничко дело е всушност подарок за една другарка. Ѝ направив фигура во кутија. Делото се нарекува ,,My Emo Boyfriend”. За ова дело искористив глина, опаковка од новогодишен украс и картон.

За да ги погледнете останатите дела на Даниела може да го посетите нејзиниот Инстаграм профил: @s0upnoob

Мила Фуштиќ

*Ова интервју е дел од #МладинскиВесник – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарката Теодора Цветковска.