Скопските кафулиња „Интермецо“ и „Мош“ добија казни од по 13.000 евра поради пуштање гласна музика, соопшти Општина Центар.
По пријави од граѓани Секторот за Инспекциски работи на Општината во текот на минатата недела спровел акција за мерење на бучава со овластена лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ Скопје, во раните утрински часови. Акциите биле спроведени на територија на Општината, и биле проверени локалите за кои што редовно има пријави од граѓани во Дебар маало, Буњаковец, Центар и Капиштец.
„Извршено е мерење на бучавата на 2 угостителски објекти: „Мош“ и „Интермецо“. По извршените мерења на бучава, овластената лабораторија за животна средина ги достави извештаите од мерењата, врз основа на кои се спроведени инспекциски постапки, со платен налог за глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина. Правните лица можат да платат половина од казната во рок од 8 дена. Доколку не ги платат казните во висина 13.000 евра, овластениот инспектор ќе достави Барања за поведување прекршочна постапка пред Основен суд, Оддел за прекршоци“, соопштија од Општина Центар.
Од Општината додаваат дека постојано имаат поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време, за што досега во неколку наврати има изречено казни за бучава.
„Општина Центар повторно апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обѕир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина“, додаваат од Општината.