„Интермецо“ и „Мош“ затворени на 10 дена по пријави за гласна музика

Скопските кафулиња „Интермецо“ и „Мош“ добија забрана за работа од 10 дена бидејќи го пречекориле работното време, соопштија од Општина Центар.

Оттаму велат дека Секторот за Инспекциски работи на Општина Центар во соработка со Државен пазарен инспекторат изминатиот викенд извршиле контрола на неколку локали по зголемениот број пријави од граѓани за гласна музика и непочитување на работното време на угостителските објекти.

„Поради пречекорување на работното време до 1 часот по полноќ на кафулињата „Интермецо“ и „Мош“  пазарната инспекција им изготви записници за затворање и забрана за работа од 10 дена. Решенијата до локалите ќе бидат доставени во текот на денешниот ден по што истите ќе бидат пломбирани“, соопштија од Општина Центар.

Од Општината додаваат и дека постојано добиваат поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време и дека досега во неколку наврати имаат изречено казни за бучава.

„Општина Центар повторно апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во Општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обѕир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина“, додаваат од Општината.