Интерактивна изложба за млади „Вселена.Човек.Интелигенција.“ во КИЦ – Скопје

Светската, патувачка изложба „Вселена.Човек.Интелигенција“, за врвните истражувања во Германија, од 3 април ќе биде отворена во изложбениот простор на Културно информативниот центар во Скопје.

Станува збор за интерактивна изложба за млади, која Гете-институт во соработка со друштвото „Макс Планк“ ја прикажува ширум светот.

Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пр. компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со коишто може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и слично.

„Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им се покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура. Изложбата поттикнува љубопитност за истражување на различни полиња и стимулира размислување за научни и општествени теми“, велат организаторите.

Изложбата ќе трае до 28 април, а влезот е бесплатен.

Повеќе информации ќе најдете на страната на Гете-институт Скопје.