Инстаграм профил шири говор на омраза, институциите бараат конкретна жртва за отворање на постапка

„Да ви ги е**м шарените сториња“ и „Не за ЛГБТ пропагандата“, се само дел од пораките кои се најдоа во објавите на еден од македонските Инстаграм профили кој го следат преку 40.000 корисници. Со овие свои објави администраторот го искажува револтот од присутноста на ЛГБТИ заедницата во медиумскиот простор, која периодов е растеж поради виртуелното славење на Месецот на гордоста.

На ваквите објави, администраторот на профилот, се надоврзува со многу коментири, анкети и споделување на размислувања на истомисленици, спојувајќи се со останати профили од кои голем дел споделуваат навредливи коментари или шират говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата.

На последниот ден од Месецот на гордоста, Радио МОФ разговараше со комуникологот Бојан Кордалов и Јована Јовановска, дел од правниот тим од ЛГБТИ центарот за поддршка околу проблематиката на насочениот онлајн говор на омраза во македонската интернет сфера.

Јовановска за Радио МОФ вели дека најголемиот дел од случаите на говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето се случува онлајн, а зачестеноста варира во зависност од присуството на ЛГБТИ тематиките онлајн, но и офлајн.

„Со секое зголемување на видливоста на заедницата забележуваме пораст на говорот на омраза речиси паралелно, но понекогаш се шири говор на омраза кон заедницата и кога воопшто ЛГБТИ прашања не се тема. Зачестеноста на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и/или родов идентитет ја поврзуваме со недостатокот на соодветна правна рамка за адресирање на овој феномен, но уште повеќе во неказнувањето и неосудувањето на ширачите на ваков говор. Инертноста на институциите е голем проблем и во голем дел од случаите институциите не го ни препознаваат говорот на омраза, а уште помалку го казнуваат. Ние имаме поднесено стотици пријави до МВР, а за ниту една немаме добиено никаков одговор. Ова е доволен показател за создадената пракса на неказнување, а со тоа и незаштитување на цели маргинализирани групи на граѓани“, истакнува таа.

Комуникологот Кордалов ја искажа својата загриженост поради  заканите и омаловажувањата, додавајќи дека ваквата комуникација е недозволива за времето во кое живееме.

„Не можам да разберам кој е мотивот и какво задоволство може некому да предизвика навредувањето и вознемирањето на друг човек, стигматизацијата, предизвикување некому да се затвори во себе, да се депримира, па дури и да размислува да посегне по себе и сопствениот живот. Мислам дека веќе е доцна, односно крајно време е конечно да сфатиме дека секој човечки живот вреди и ништо не ни дава за право вака да постапуваме, да повредуваме и шириме говор на омраза“, истакна Кордалов за Радио МОФ.

Според Јовановска, говорот на омраза во реалноста многу често доведува и до насилство и дела од омраза.

„Многу е тенка линијата помеѓу овие два феномени и се покажа дека таа линија многу лесно се пречекорува. Особено е олеснително за „мразачите” тоа што никој не се казнува за ширење омраза и тоа што лесно си наоѓаат сојузници. Но, она што е реалност за ЛГБТИ луѓето, е дека ваквиот говор и неговото (не)третирање од страна на институциите, може да има трајни последици врз нивните животи и да допринесе за уште поголема ранливост на оваа заедница. Зголемениот ризик од насилство поради зголемената омраза влева страв, несигурност, недоверба, а може да има последици и врз менталното здравје“, заклучува таа.

Таа додава дека правниот тим на ЛГБТИ центарот за поддршка постојано поднесува пријави до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

„Пријавите ги испраќаме со приложени докази за случајот и детален опис за делото за кое се работи. Во одредени случаи кога за тоа има основа поднесуваме и кривични пријави до Основното јавно обвинителство, но она што е проблематично кај овие случаи е непостоењето на конкретна жртва, односно ваквите пријави ги поднесуваме како граѓанска организација и од овие причини истите често се отфрлани како такви. Законот вели дека секој може да биде пријавител на говор на омраза, но не секој може да води кривична постапка, односно мора да постои жртва која ќе ја води постапката“, објаснува таа.

Секоја личност може да се обрати во Хелсиншки комитет за човекови права, каде постои цел тим кој работи на говор на омраза, мониторирање, пријавување и постапување при таргетиран говор на омраза.  На располагање се и телефонските броеви на правниот тим. Пријавувањето може да биде и анонимно.

Кордалов пак нагласува дека начинот на кој разговараме едни со други е клучот за тоа во какво држава избираме да живееме, додавајќи дека социјалните медиуми се огледало на општеството во кое живееме.

Тој предупредува дека ако нема цврсти и решителни мерки од институциите за санкционирање на ваквиот говор на омраза, постои поголема можност и за создавање на дела од омраза од поединци кои се чувствуваат посилни и заштитени кога недостатува преземање на конкретни мерки.

„Ако преовладува говорот на омраза и дискриминацијата, тогаш немојте да се чудиме за општото незадоволство помеѓу граѓаните, желбата за напуштање на државата и иселување во Западните земји или, пак, за апатијата кај младите да бидат дел од политичките и општествените процеси“, вели Кордалов.

Ивана Смилевска

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.