Инклузивната претстава „Ѕуница“ утре во МКЦ

Дневниот центар „Доза среќа“ утре (четврток, 23 ноември) од 19 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) ја организира инклузивната театарска претстава „Ѕуница“.

„Децата од дневниот центар и нивните другарчиња, инспирирани од сликовницата ‘Ѕуница’, по втор пат спремија инклузивна претстава за вас“, велат од „Доза среќа“.

Сликовницата „Ѕуница“ беше направена од Бранислав Николов и Иванка НиБа, а во издание на издавачка куќа „Светулка“.

„Во оваа приказна во авантура ве носат Бојана, Мендо, Зајче и Птичка кои сложно ќе одиграат една братска слога. Авторот беспрекорно отсликува четири профили на ликови кои се различни, но секој вреден на свој начин. Така е и со децата. За една група или заедница да остане сложна потребен ни е некој мудар како Бојана, силен како Мендо кој ќе нѐ износи на рамена, досетлив како Зајче и гласен како Птичка. Она што човек не може да го направи сам, во слога со пријателите ќе успее, па заедно со нив ќе може да помести дури и планина“, стои во најавата за претставата.

Организаторите велат дека „Ѕуница“ за прв пат беше промовирана на Саемот на книга 2023 година, учествуваше со промоција и работилница на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“, учествуваше на фестивалот „Литера“, Промоција во Гевгелија, Битола и во Охрид.

„Децата од сите градови веќе си имаат своја омилена строфа и илустрација, па направија ремек дела на работилниците кои беа организирани во склоп на пронмоциите. Сликовницата е достапна во најголеите книжарници кај нас но и онлајн на фб страната на Едиција ‘Светулка’“, стои во најавата.

Претставата е во режија на Роберт Ристов, сценографијата е на Сара Синани, додека како драматург се јавува Дарко Спасов.

Актери: Калина Груиќ, Арабела Тудиќ, Магдалена Стојкоска, Ангела Делевска, Калина Чанговска, Анамарија Здравеска

Актери Доза среќа: Никола, Христијан, Дарко, Коста, Денис, Рабије, Ава, Кан, Кристијан, Орхан, Ариел, Софи…

Резервација на карти на тел: 070/884-199. Влезот е со симболична цена од 100 денари.