Инклузивна промоција на сликовницата „Другарка, другарко и две маченца“ од авторот Денис Јанкуловски – Космонаутко, а со илустрации на Наташа Костовска ќе се случи утре, 31 мај, од 17 часот во Дом на култура „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода.
На инклузивната промоција ќе настапат Мијата, Космонаутко и славејчињата, Беира Беки Салифоска и Леон Мемиш Апостоловски, а авторот Јанкуловски и илустраторката Костовска на кратко ќе ја претстават сликовницата.
„Ова е една од ретките сликовници кај нас којашто се занимава со децата со нетипичен развој. Како своевидно продолжение на сликовницата ‘Другарко’, во оваа главен лик е Другарка, на која ѝ се придружуваат Другарко и двете мачиња, Рони и Бони. Кога сите заедно ќе се здружат, тие патуваат во нови светови полни со љубов, разбирање и другарство. А како патуваат? Пааа – со фантазмобилот! Ве покануваме на патување заедно со Другарка и нејзините другари, но и да научите нови зборови од прекрасниот јазик на Другарка“, велат од издавачката куќа „Прозарт медиа“.
„Другарка, Другарко и две маченца“ е во издание на „Прозарт медиа“, а објавувањето е поддржано од Зегин, Шпаркасе Банка, Министерството за култура, Сити Флауерс и Дата Понс. Промоцијата се организира во соработка со Дом на култура „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода.