Иницијативата „За културна Македонија“ во четврток ќе го одржи првото „собрание“

Независната и неформална иницијатива „За културна Македонија“ во четврток од 18:30 часот во кино „Фросина“ го закажа своето прво „собрание“.

Според најавите, на собирот ќе има дискусија и неколку модератори од разни обласи на културата.

„Овој повик се однесува на сите кои сметаат дека се занимаваат со одредена култура во Македонија, а не се задоволни од состојбите во истата и сакаат во иднина здружено да реагираме. Ве очекуваме во голем број! По ова (а се надевам дека ќе биде продуктивно) одиме со конкретни барања и предлози кај новиот министер за култура! Секое добро и се гледаме во четврток!“, стои во повикот за собирот во четврток.

Инаку, како што информираа од иницијативата, целта „За културна Македонија“ е помасовно да се делува и врши притисок за одредени состојби или негативни одлуки во културата. Според иницијативата, реакциите би биле во форма на организирање протест, бојкот, петиции, акции „на терен“, медиумски соопштенија и слично.