Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ достави предлог за референдум против Законот за учебници

Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ денеска до Собранието достави предлог за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на референдум. Оттаму бараат можност граѓаните да се изјаснат за нацрт-законот за учебници и наставните материјали за основно и средно образование.

Досега за овој предлог во Скопје собрале околу 600 потписи, но потребни се 10.000 за распишување референдум. Според Драгана Спасевска, претставничка на иницијативата, тие имале голема поддршка и од останатите градови.

Таа посочи дека во рок од три дена ако од Собранието не добијат одговор, ќе сметаат дека нивниот предлог е прифатен и ќе продолжат со собирање потписи.

„Очекуваме работна средба на актуелната тема со претседателот на Собранието и неговите советници за образование. Доколку не бидеме соодветно примени на работната средба продолжуваме со мирни протести и мирни маршови низ сите градови во државата“, рече Спасевска.

Викендов иницијативата организираше протести во повеќе градови низ државата против новиот закон и најавената дигитализација на учебниците. На ова претходеше и бојкот на наставата во неколку училишта.

Иницијативата се создаде по објавувањето на новиот Предлог закон за учебници, со кој се предвидува децата до трето одделение да учат од печатени учебници, а за погорните одделенија постепено да почнат да се воведуваат дигитални учебници. Според најавите од Министерството за образование, веќе од следната година треба да се почне со воведување на дигиталните учебници за децата од четврто одделение.