Иницијатива за нов предмет – Куклен театар во училиштата 

Културните работници покренаа иницијативата за воведување на нов предмет на тема Куклен театар во наставните програми. Од Детскиот театарски центар во Скопје, тие порачаа дека воведувањето на креативните предмети во образовниот процес има големи придобивки.

„Оваа дебата беше опипување на можноста да се увиди дали сме зрели да се конципира и најде правата методологија за да се срочи предмет кој ќе биде изборен или задолжителен на тема куклен театар, кој би се вовел во курикулумот на основните и средните училишта.“ изјави за Радио МОФ, Иванка Апостолова од Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт.

Дебатата на која дискустираа повеќе театарџии го отвори прашањето дали еден нов предмет би бил преоптеретување за учениците, или театарот треба да биде креативно надополнување и растеретување во однос на другите, задолжителнни предмети.

Јулијана Мирчевска од Меѓународниот фестивал за деца, Битолино вели дека интересот за куклениот театар преку кој се развива креативноста на децата и можноста за идентификација кај децата е огромен. Смета дека може да се постигне големо влијанието преку куклениот театар во образованието и едукацијата на децата.

„Генерално психолозите кои се занимаваат со образование, вршат испитување и се обидуваат да најдат начини за тоа како да го олеснат предавањето. Колку што е посилна надворешната дразба, толку повеќе се зголемува интересот на детето, колку е посилна надворешната дразба, имаме лична мотивација, слушаме, активни сме и толку повеќе паметиме и толку повеќе знаеме. Од тие причини сметаме дека театарот е начин кој може да помогне во образованието, токму поради тоа што е една силна надворешна дразба. Особено кога имаме кукли, убаво изработени кои оживуваат и кои ни зборуваат за математика, истата приказна можеме да ја направиме со хемиските елементи итн… Едноставно да им го олесниме пристапот на децата кон учењето. Но дали тоа треба да се направи како предмет, во овој момент не гледам како“, објаснува Мирчевска.

Дискутантите споменаа за начинот на едукација преку кукли на кој учителките во градинките ги учат децата и велат дека не е за џабе одбрана таа форма. Објаснуваат дека детето се истоветува со куклата, а децата понекогаш токму преку куклата ги изразуваат нивните ставови, чуства и емоции.

Благородна Коцева од Театарот „Сенки и облаци“, вели дека и самите наставници бараат нови начини и методологии, но дури и најтврдокорните наставници разбираат повеќе креативни предмети во образованието помагаат за полесно совладување на материјалите. Како недостаток го спомена недоволното искуство и немањето традиција на куклен театар во нашата држава, а тоа, како што вели, претставува проблем за воведувањето на нов задолжителен или изборен предмет.

Осврнувајќи се на историјата поврзана со куклениот театар Драган Довлев вели дека Македонија е во своите зачетоци и дека се уште ги правиме првите бебешки чекори.  Затоа смета дека е тешко да се имплементира куклениот театар како предмет во образование.

„Ние немаме литература за оваа област, не е напишана ниту една книга, ниту е преведена една странска книга. Немаме ни официјална стандардизирана македонска терминологија. Називите за посебни видови на кукли понекогаш ги користиме про-западните, а некогаш про-источните термини. Немањето на стандизираната терминологија би можело да биде првата сопка при евентуалната имплементација на овој проект, и затоа најпрво во целата оваа приказна би требало да се вклучат лингвисти. Допрва не чекаат сериозни предизвици во оваа област, со новите генерации кои доаѓаат. Треба да се каже дека немаме фестивал специјализиран за куклени престави, што не прави единствена сцена без најмалку еден меѓународен фестивал на куклени и театарски претстави.“ нагласува Довлев.

Потенцираше дека за спроведување на ваков проект е неопходна катедра за куклен театар на ФДУ, која катедра ќе ја спроведуват „визитинг професори“ и повеќе професори со богато искуство.

Како што вели актерот Бесфорт Идризи, на оваа дебата би следувал состанок каде ќе се направи резиме на сите идеи, а најавуваат уште една ваква дебата, потенцирајќи дека нема да престанат и да се задоволат само со дебати, туку ќе продолжат и со други иницијативи, проекти кои ќе ја продолжат низата на веќе започнатата инцијатива.

„Ова е многу подолгорочна иницијатива и иницијатива која што не е врзана со некој строг „дедлајн“ така што денес разговаравме за сите можни опции, кои се позитивните и негативните страни, и јас би додал дека денес повеќе отваравме прашања отколку што нудевме одговори. Тоа е целта на оваа иницијатива, да ги отвориме сите прашања и подоцна да најдеме одговори.“ изјави Идризи.

Мартин Колоски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.