[Инфографик] Функционерите малку трошеле за јавен транспорт

Само 661 денар за јавен превоз потрошиле владините функционери во 2020 година. Колку за споредба, едно возење во јавниот транспорт во главниот град Скопје изнесува 35 денари, пишува „Пина“.

Ова го покажуваат податоците од Алатката за отчетност на носителите на јавни функции која претставува податоци за најразлични трошоци од јуни 2017 година до ноември 2020 година, која е објавена на владиниот сајт.

Една година претходно пак, на алатката која е претставена како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, биле потрошени нешто повеќе од 13 илјади денари. Во периодот кој се бележи, најголеми трошоци имало во 2018 година, 39.233 денари, додека во 2017 година функционерите потрошиле 23.279 денари за јавен превоз.

Најмногу трошоци бележи Министерството за финансии во 2017 година, кога биле потрошени 19.482 денари.

Во целиот период за кој постојат податоци може да се забележи дека за јавен превоз функционерите потрошиле 76.219 денари.

Од Владата велат дека нивните заложби се функционерите да ги штедат државните ресурси секогаш кога тоа е возможно, да се одбира најекономичната варијанта, односно таа која најмалку ја загадува животната средина.

„Овие трошоци се ниски во моментов, бидејќи во изминатата година, поради пандемијата, службените патувања се сведени на минимум, и податоците во Алатката за отчетност не даваат реална слика на трошењата според тип на транспортно средство во последните месеци во базата на Алатката“.

Истовремено оттаму посочуваат дека трошоците за јавниот, но и такси превозот се најмногу врзани за трошоци кои биле направени во странство при службени патувања.

Ако се погледнат информациите за трошоци на функционерите во однос на такси превозот пак, сликата е малку поинаква.

Доколку минатата година за јавен превоз биле потрошени 661 денар, за такси превоз функционерите потрошиле 16.506 денари, односно, тоа е најниска сума на средства по години во графата за такси превоз.

Пикот од 101.353 денари бил достигнат од половината на 2017 година, па оттогаш трошоците се намалуваат, од 90.062 денари во 2018 година, до 86.202 денари во 2019 година.

Рекордер по оваа стапка е Министерството за транспорт и врски во 2017 година, кога биле потрошени 29.317 денари.

Податоците од минатата година треба да се земат со резерва бидејќи беше година на пандемија, смета истражувачот во Институтот за европска политика, Ангел Мојсовски.

„Многу од секојдневните обврски на владините функционери беа прекинати, како што се патувањата во земјава и во странство, така што нормално е да има намалување и на користење на јавен превоз и на трошоците за истиот. Можеби ќе треба да почекаме и да видиме какви ќе бидат податоците за 2021 година, па да можеме да направиме споредба помеѓу различните видови на превоз“, објаснува Мојсовски.

Тој е дециден дека функционерите мора претпазливо и одговорно да се грижат за народните пари, поради тоа што, како што посочи, парите со кои располагаат не се лично нивни, туку се на сите даночни обврзници.

„Ова е важно затоа што буџетот е во суштина системско планирање на функциите кои ги презема државата, што значи дека ако на едно место (ставка) во буџетот се наруши предвиденото извршување, тоа со сигурност ќе повлече индиректно нарушување на друго место (друга буџетска ставка)“, додава тој.

Според Мојсовски примерот најчесто треба да доаѓа „од горе“.

„Под ова не се подразбира да доаѓаат специјални наредби за тоа како да се однесуваат граѓаните и избраните функционери, туку дека први кои треба да остават пример со своето однесување се носителите на јавни на функции“, вели тој.

Доколку еден функционер се однесува непристојно во јавност, пречекорува брзина на возење или е вмешан во некаков вид криминал, Мојсовски вели дека тогаш граѓаните тоа може да го разберат како „нормален начин“ на однесување.

„Во голем број од случаите кога граѓаните ќе прекршат некој закон или направат некој поситен прекршок, не секогаш го разбираат како прекршок, односно не се свесни дека сториле нешто лошо, бидејќи тоа однесување им е пренесено од оние кои треба први да го штитат јавниот интерес“, потенцира Мојсовски.

Автори: Мартин Колоски и Бесмира Ибраими

Пина