[Инфографик] Бројот на патници на ЈСП за 5 години опаднал за 8 милиони

Опаѓа интересот за користење на јавниот градски превоз во Скопје. ЈСП – Скопје во изминативе 5 години изгубило околу 8 милиони патници годишно. Услугите на ова претпријатие лани ги користеле 44.726.781 патници, додека во 2014 година со автобусите на ЈСП – Скопје биле превезени 52.990.214 патници, се наведува во годишните финансиски извештаи за работењето на јавното сообраќајно претпријатие, објави Мета.

Ваквата ситуација се случува во период кога Скопје се соочува со енормно загадување на воздухот во зимските месеци, поради кое во неколку наврати градските власти ја активираа мерката за воведување на бесплатен јавен превоз. И покрај апелите за негово користење за да се надмине проблемот со аерозагадувањето, бесплатните возења во автобусите не го зголемија бројот на патници на годишно ниво.

Воедно, и други индикатори укажуваат на опаѓањето на бројката на превезени патници во јавниот превоз. Возниот парк на ЈСП – Скопје лани поминал за 310.000 километри помалку во споредба со 2017 година, односно биле остварени 17.928.011 километри во градскиот, приградскиот и договорениот превоз. Зголемување на бројката на патници е забележана кај жичницата на Водно, со која во 2018 година се возеле 289.617 патници.

Автобусите на ЈСП лани поминале 310.000 километри помалку од 2017 година

За подновување на возниот парк на ЈСП – Скопје, Европската банка за обнова и развој пред десетина дена го објави меѓународниот тендер за набавка на 30 до 40 единечни и зглобни автобуси. Новите возила на компримиран гас треба да го направат поатрактивно користењето на јавниот превоз во Скопје, но и да го зголемат капацитетот за превоз на патници во сообраќајните шпицови од денот.

Главниот град во изминативе 6 години се соочува со рапиден раст на бројката на регистрирани возила, кои граѓаните ги употребуваат како замена за јавниот превоз. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2012 година имало 122.400 автомобили во Скопје, додека над 20.000 повеќе автомобили возеле граѓаните веќе во 2017 година.

Мета