ЈСП: Објавен тендерот за набавка на нови еко автобуси

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информира дека е објавен меѓународниот тендер за набавка на нископодни CNG автобуси. Се работи за подновување на возниот парк  со 30 до 40 единечни и зглобни автобуси за потребите на јавниот превоз во главниот град.

Според ЈСП, постапката ќе се одвива во согласност со правилата и процедурите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со чиј кредит ЈСП ќе ја реализира набавката.

„Објавата на тендерот следи по неколкумесечната изработка на техничката спецификација која е сложена и комплексна материја, на која посветено работеше тим на ЈСП Скопје. Раководството е убедено дека со набавката на новите автобуси ќе се овозможи побрз и пофункционален јавен превоз, а значително, со новите возила, ќе се придонесе и за подобрување на квалитетот на воздухот“, соопштуваат од ЈСП.

Од таму потенцираат дека на улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фрекфенцијата на возилата. Во новите автобуси, велат од ЈСП, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото.

„Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси. Истовремено, користењето на возилата на гас, во голема мера ќе го намали и загадувањето на воздухот, бидејќи тие емитуваат значително помалку CO2, а речиси и да не емитуваат PM10 и PM25 честички. Сето ова гарантира зголемен квалитет, пристап и безбедност на јавниот превоз чии ефекти граѓаните ќе може да ги почувствуваат идната година ова време. Скопје ќе добие јавен превоз каков што заслужува“, стои во соопштението на ЈСП.

Инаку, договорот за набавка на нови автобуси меѓу Град Скопје и ЕБОР беше потпишан  кон крајот на јануари годинава. Покрај средствата од кредитот, за реализација на проектот ќе се обезбедат дополнителни 1,8 милиони евра од буџетот на ЈСП – Скопје, како и неповратен грант висина од 1,1 милион евра.