Инфективните одделенија и клиниките се оптоварени, се работи на реорганизација, вели Филипче

Инфективните одделенија и клиниките се оптоварени, а дел од здравствените работници се навистина изморени по четиримесечната борба со коронавирусот, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека во изминатите денови интензивно се работело на реорганизација и планирање на капацитети за да се одговори на напливот на пациенти во сите јавно-здравствени установи во земјава.

„Целиот фокус во изминатите денови го насочивме кон клиничкиот дел и менаџментот на пациенти во периодот кој е пред нас. Во оваа фаза од епидемијата мора да се организираме и да се подготвиме за целосно амортизирање на напливот на пациенти преку мобилизација и организација на сите расположливи ресурси во нашата земја. Мораме и можеме да го заштитиме здравствениот систем, да го намалиме колку што е можно притисокот врз здравствените работници и да обезбедиме прием и добро лекување на сите пациенти кои имаат потреба од тоа“, рече Филипче.

Од вчера на ротација и помош на Инфективната клиника и во болницата „8-ми Септември“ пристигнале вкупно 54 доктори и медицински сестри кои почнале да работат, посочи Филипче, и додаде дека притисокот кој бил присутен сега е намален.

„Веќе е направен план и за следни ротации и прераспределба на кадар, како од клиниките, така и од сите болници и здравствени домови од земјава“, рече Филипче.

Сепак, додава дека пополнетоста на клиниките и одделенијата е далеку од максимумот. Приватните клиники и болници го понудиле својот персонал како поддршка, а Филипче посочи дека ќе се направи и распоред и по потреба и тој кадар ќе биде на помош на јавно-здравствените установи. Покрај персоналот, министерот изјави дека може да се очекува доколку е потребно да се искористат и нивните сместувачки објекти.

„Засега тоа не е потребно, но го имаме во предвид како вкупна бројка на кревети, кревети за интензивна нега“, рече Филипче.

Од вчера, на Инфективната клиника во Скопје се користи и монтажната болница која има дополнителни 72 кревети, а моментално таму се сместени тројца пациенти. Таму , како што посочи Филипче, капацитетот е целосно обезбеден, со доктори и експерти по инфективна медицина, интернисти и медицински сестри.

„Целосно е опремено одделението со апарати за поддршка, притисочна, со килосород, пулсоксиметри, монитори, и целата друга медикаментозна терапија која што е потребна за терапија на пациентите“, додаде министерот.

Болницата во Битола располага со 20 слободни кревети, вели Филипче, а капацитетот со дополнителен број на кревети може да се надополни и од другите одделенија. Во болницата во Кавадарци на располагање се 16 кревети, а моментално нема сместено пациенти во овој момент, додаде Филипче.

Во тетовската болница има моментално осум пациенти, а во план е да се се обезбедат до 100 слободни кревети, со заземање на креветките од одделенијата кои сега не се користат целосно, рече Филипче.

„Во Охрид има уште пет слободни места, меѓутоа во договор, секојдневна кооординација со Битола, се обезбедуваат двете болници, во смисла на регионални центри, пред се за третман и на пациентите кои што доаѓаат од Струга и регионот на Стругa“, рече Филипче.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, има голем број на слободни кревети, односно таа бројка е околу 250, а сегашниот кадар е целосно посветен на третман на пациентите кои се сместени таму, рече Филипче.

Министерот потенцираше дека како земја никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза, но вели дека има знаење, капацитет, начин на организација и план кој се спроведува за да се надмине кризата.

Тој побара поддршка од граѓаните и од сите чинители во општеството за здравствените работници.

„Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните редовни прегледи или интервенции, верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и повторно ќе има пристап до здравствените услуги, но, во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза“, рече Филипче.

Филипче посочи дека сите градови и региони, освен Скопје и делумно Тетово се стабилни, а рече дека на тоа укажуваат и спорадичниот број на случаи, или веќе идентификуваните контакти од каде што потекнуваат новите случаи.

Министерството за здравство (МЗ) претходно информираше дека се потврдени 193 нови случаи на Ковид-19, односно, дека се регистрирани 140 случаи во Скопје, 19 во Тетово, 11 во Охрид, шест во Штип, пет во Струга, четири во Гостивар, по два во Куманово, Велес и Ресен и по еден случај во Дебар и Свети Николе.

Исто така, од МЗ информираа дека починале девет лица, односно пет од Скопје, две од Куманово, и по еден пациент од Тетово и Охрид.

Девет починати, 193 новозаразени и 46 оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие