Инциденти и приведувања пред денешниот „Европрајд“ во Белград

Во Белград после пладне, според најавите на организаторот, ќе биде одржан марш во склоп на Европрајдот, но веќе околу пладне почнаа првите инциденти со противниците на Прајдот, објави српскиот N1.

Двајца учесници на „анти Прајдот“ се приведени во близина на црквата Свети Марко, откако фрлале шишиња кон автомобилите, ги пцуеле насобраните новинарски екипи и влегле во расправија со полицајците.

Екскомуницираниот монах Антоније со шише го удрил камерманот на N1 во стомакот. Противниците на Прајдот насрнале на полицијата, а Антоније е приведен. Засилени полициски сили блокираа триесетина граѓани во близина на Главната пошта на улицата „Таковска“.

Моментот кога снимателот е гаѓан со шише, фото: принскрин од видео на N1

На денешниот Прајд ќе прошетаат претставници од амбасадата и еврокомесарот за еднаквост, а одлуката е донесена откако претставниците на меѓународната заедница добија безбедносни гаранции од Владата, потврдено е за N1.

Пречките и проблемите со кои се соочува Европрајдот ќе бидат дел од следниот извештај за Србија, изјави за N1 известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик.

Протестниот марш ќе се организира од 17 часот и 30 минути на релација од Уставниот суд до стадионот Ташмајдан, каде што подоцна вечер ќе се одржи концерт, соопшти тимот на Прајдот.

Утрово Управниот суд објави решение со кое се отфрла тужбата поради забраната за протестната прошетка. Министерството за внатрешни работи пред неколку дена соопшти дека се забранети и двата марша – оној за Прајдот, како и маршот што требаше да биде своевиден „контра-Прајт“ – семееен марш организиран од „антиглобалисти“.

Активистите велат дека српското МВР официјално не се огласи за новата рута на маршот и затоа е легален.