„Имам детство поминато со мајка која имаше психички проблеми“ – прашање до психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Имам детство поминато со мајка којашто имаше психички проблеми. Инаку добро ситуирани, здрава фамилија, без проблеми фамилијарни. Јас сум сега 40 години и тоа што имала мајка ми напади на паника, сега кај мене се манифестира, сепак во блага форма. Јас имам фамилија со прекрасен маж и три ќерки. Сè ми е најдобро дома, но многу ми отежнува тоа што ми се случува. На моменти како да ми се врти и тоа се случува сè почесто. Во друштво, и во присуство на децата. Почнуваат да ме нервираат непотребно, и без причина. Сакам да кажам, знае да ми се случи и кога ми е најубаво. Понекогаш ми се свртувало, имам такви ситуации и сега сама си го повторувам филмот. Ако не е тоа, тогаш знае да не можам убаво да дишам. Срам ми е дури што го кажувам ова.

Дали ова што ми се случува е генетски? Страв ми е да не станам како мајка ми, и дали е потребно да пијам некои лекови, зашто јас пијам само Б6, магнезиум, Ц витамин. На периоди пијам и „Билобил“ по три месеци и се чувствувам подобро од нив.

Одговара: Сања Стефановиќ, психолог и гешталт терапевт 

Драга,

Се обидов со внимание да го прочитам вашиот проблем/прашање и ќе се обидам да ви дадам најсоодветен одговор што можам, со оглед на тоа што вашето прашање не содржи многу податоци. Ми се чини дека можеби би ви било од помош доколку во вашето истражување и откривање вклучите повеќе професионални профили, како што се психијатарите и психолозите, кои истовремено се и психотерапевти.

Многумина не прават разлика меѓу психијатрите и психолозите, но нивниот опис значајно се разликува. Психијатријата е медицинска гранка. Психијатрите се доктори кои се фокусирани на дијагностицирање и лекување на нарушувања на менталното здравје. Психологијата е наука која се бави со проучување на однесувањето на поединците и нивните ментални процеси. Тоа што е заедничко е што и едните и другите во својот фокус го имаат менталното здравје и можат, доколку се доквалификуваат, да понудат психотераписки третман.

Психологот или психотерапевтот не изречува медикаментозна терапија, таа може да ви биде одредена само од психијатар. Од информациите кои ги имате споделено со мене, не можам детално да одредам за што се работи, односно, потребно е да се направи детална дијагностичка процена како би можело да се дојде до поопширен и поподатлив одговор на вашето барање. Дополнително на ова, сакам со вас да споделам повеќе податоци за анксиозноста кои можат да ви послужат за информирање.

Анксиозноста е нормална реакција на стрес и го информира вашето тело за можна опасност. Сите ние понекогаш чувствуваме анксиозност. Таа може да се јави во ситуации кога сме во исчекување на некаков одговор кој ни е значаен, кога треба да донесеме некаква значајна одлука, кога се соочуваме со некаква промена, итн. Но, постои разлика меѓу анксиозност и анксиозно растројство. Анксиозните растројства се група на нарушувања кои се карактеризираат со обемен страв и анксиозност. Симптомите од овие нарушувања можат да го попречат секојдневното функционирање на човекот кој се соочува со нив. Оттаму е и потребата од точно дијагностицирање и избор на третман кој е соодветен за специфичното нарушување.

Тоа што мене ми отскокнува во вашиот опис е тоа што велите дека ви е срам од тоа што споделувате со некого. Дали со некого зборувате за ова? Дали најблиските знаат дека се справувате со некакви потешкотии? Кому се обраќате за помош и поддршка? Неминовно, ми се појавува прашањето дали вашата мајка беше дијагностицирана од стручно лице и дали вие можевте слободно да зборувате за тоа во вашиот дом? 

Многу често се случува менталното здравје, односно, нарушеното ментално здравје и самата дијагноза да бидат завиени во стигма, а оттаму и во срам. Сакам да ве прашам дали би се срамеле доколку сте настинати, имате реума или пак, сте ја скршиле ногата? Интересно е како многу помалку и поретко чувствуваме срам кога се работи за нашето физичко здравје, но тоа не е случајот и кога се работи за менталното здравје. 

Стигмата врзана за нарушено ментално здравје всушност се негативни ставови врзани за него. Иако, се почесто се зборува за овие теми, сепак стигмата е застапена во средината во која живееме и може да го отежни нашето живеење. Негативните ставови се забележуваат во медиумите и ги слушаме од лицата во нашата подалечна, но и поблиска околина. Се ова може да доведе до повнатрешнета стигматизација, односно да ги прифатиме овие ставови како вистинити и да се прекоруваме себеси што, ете, токму ние се справуваме со ваков тип на предизвик.

Стигматизацијата може да биде и парализирачка. Таа може да направи од преголем срам, но и страв, никогаш да не посегнеме по помош. Ве охрабрувам да истражите што овие реченици ви носат вам. Има ли нешто за што станувате свесна додека ги читате?

На самиот крај, сакам да ве охрабрам повеќе да се интересирате за своето здравје во неговата целовитост и да побарате повеќе одговори од стручни лица (психијатри, психолози и психотерапевти) како би располагале со точни информации врз основа на кои и можете да добиете терапија и третман. Излез има, доколку се охрабрите да посегнете кон вратата. Сакам да знаете дека не сте сама, многумина се соочуваат со најразлични проблеми и предизвици и токму во секој од нас лежи одговорноста за препознавање на потешкотиите и барање на помош за истите. Со лесно во вашето истражување и себе-поддржување! 

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.