„Им верувам на возачите дека нема да ми го загрозат животот“ – во прво лице за сообраќајната култура во Барселона

„Се чувствувам безбедно кога поминувам улица“ е мислата која во неколку наврати ќе ви ја каже младата скопјанка Катерина Илијовска, која пред три години замина да живее во Барселона, Шпанија, за да работи на магистерската теза. Таа е дел од иницијативата Yess for less, која промовира одржлив начин на живот.

За Барселона на Радио МОФ може да се прочитаат бројни вести кои претставувале пример како се носи еден европски град со сообраќајната инфраструктура и култура. Илијовска од прво лице посведочила позитивни промени во градот поттикнати од пандемијата.

Со неа се сретнавме преку Зум, да поразговаравме за сообраќајната култура во главниот шпански град. Поттик за тоа беа неколкуте сообраќајни инциденти со жртви кои неодамна се случија низ скопските улици и поттикнаа дури и протест против т.н. сообраќајно насилство.

„Тука има многу згради, меѓутоа сите се на некоја иста висина од 3 до 5 ката. Некогаш улиците доаѓаат тесни, но на главните булевари напоредно со лентата за автомобили има и велосипедски ленти“, почнува да раскажува таа.

Барселона е густо населен град, со 16 000 жители на километар квадратен. Кога Илијовска се враќа во родниот крај, Скопје го гледа со поинакви очи затоа што сè се чини пошироко. Но, таа стравува дека ова може да се загрози поради урбанизацијата.

Проблемот со зафатените тротоари од автомобили го забележала и во Барселона. Но, огромна разлика вели таа, е што автомобилите ја почитуваат одредената брзина. Ова според неа е најголема предност во споредба со Скопје.

„Дури и да поминуваш на зелено, треба да погледнеш двапати за да си сигурен“, вели Илијовска за ситуацијата на скопските улици.

„Прво кога дојдов бев навикната на она македонското да климаш демек ‘фала’ кога ќе те пуштат на пешачки, но овде е како најосновно право на пешаците. Некогаш поминувам на пешачки без да гледам затоа што знам дека ќе застанат. Дали еден или два примери се сеќавам во цели три години да сум тргнала и некој ептен да закочи“, вели таа.

Разгледувајќи ја мапата од центарот на Барселона, со Илијовска ги забележавме бројните блокови во форма на квадрати кои се дело на архитектот Илдефонс Керда во 19 век. Меѓу сите тие блокови има семафори, посочи Илијовска.

„И покрај тоа што има многу автомобили, возачите се свесни за тоа како пешаците се движат низ градот и возат повнимателно и безбедно се чувствувам. Во тој поглед, дури и кога се движам на место со многу автомобили, нема да ми излезе автомобил од каде што не треба или со голема брзина за да не можам да реагирам“, забележува таа.

Пандемијата поттикна промени 

Во рок од три години, Барселона забележа многу промени, вели Илијовска. Во време кога цел свет беше во карантин, па и Шпанија, градските власти во Барселона ја искористија можноста да внесат новини во сообраќајната инфраструктура кои ќе бидат поодржливи за населението.

Пред две години, Илијовска и останатите жители на Барселона беа три месеци во карантин, со дозвола за движење само за најосновните потреби. По укинувањето на карантинот, се појавил бран на луѓе со желба да излезе од дома и да пешачи.

„Не ни имаше друго што да се прави, бидејќи кафулињата, рестораните беа затворени. Тогаш всушност видоа дека има потреба од поголем пешачки простор затоа што некогаш беше невозможно да се разминеш на тротоар, а замисли што значеше со целите мерки за растојание“, се потсетува Илијовска.

По ова, градските власти решија да пренаменат две улици само за пешаци, една од 2,5 и друга од 1,2 километри. Се работи за улица со четири ленти, или слично како „Партизански одреди“ во Скопје. Едната од нив проаѓа токму низ местото каде што Илијовска живее и претставува главна улица што мора да се помине за да се стигне до центарот на Барселона.

„Секоја сабота и недела, од девет часот наутро до 20 часот навечер е целосно затворена. Освен што можат да пешачат луѓето, има некогаш и штандови на мали бизниси, или организации, се играат друштвени игри на улица, а кафулињата може да ги стават столчињата на тротоар“, објаснува таа.

На истата улица со четири ленти за автомобили, по пандемијата, двете надворешни ленти се претворија во патеки за велосипеди, автобуси и такси возила, додека двете внатрешни ленти остануваат за автомобилите.

„Автомобилите малку заборавија каде се движат. Кога дојдоа после три месеци и веќе не можеа да возат на четирите ленти, само на две, не им дојде нагла промена“, вели Илијовска, нагласувајќи дека за велосипедска лента не се крати мал дел од една лента, туку се посветува цела лента.

Оваа иницијатива сè уште трае и според Илијовска ова е одлична промена. Таа е свесна дека пандемијата беше искра за промени но сега кога веќе се имплементирани, властите решија да ги задржат, затоа што како што вели таа, гледаат дека им се допаѓаат на луѓето.

Покрај автобуси, Барселона има и 11 метро линии. Според Илијовска, можеш да стигнеш од еден до друг крај на градот за половина час, без да заглавиш во гужви. За неа, метрото е главниот јавен транспорт.

Во текот на разговорот, таа најави дека до 2030, властите во Барселона имаат за цел да создадат 33 хектари нови пешачки зони со зелен простор, каде сега има автомобили.

Фото: Constraula.com

„Свеста на возачите е една од најглавните пречки“

Кога прави споредба помеѓу Скопје и Барселона, Илијовска се навраќа на почетокот од разговорот. Нејзината цел е да не се движи во страв. Смета дека треба да се работи на општата свест дека може некому да се загрози животот.

„Како што кажав, во Барселона има автомобили, но јас им верувам на возачите дека нема да направат глупост и да ми го загрозат животот како што се случува во Скопје“, вели таа.

Друга важна тема за неа се климатските промени. Според Илијовска мора да се оди кон обесхрабрување на користење на автомобили. На Скопје, вели таа, му недостасуваат долгорочни мерки.

„ …Мерките што секој град во 21 век ги презема. Во Македонија некако не гледам дека се случува тоа“, дополнува таа.

Дел од политиките кои веќе функционираат во Барселона се данок за издувни гасови за секој автомобил кој се плаќа на годишно ниво, како и забрана за постари возила.

„Јас како потенцијален возач на кола кога ќе размислам дека треба да плаќам данок, треба да вложам во возило што е поново што не испушта толку издувни гасови, имам цела зона во центарот каде што не можам да се движам со поголема брзина од 10 километри на час, на крај не ми се исплаќа да поседувам возило во Барселона“, вели Илијовска.

Сообраќајната култура се учи првично од дома, смета таа, но треба да биде застапена повеќе и во формалното образование.

„Едно нешто може да се направи е кога се полага за возачки испит, како што има тест за знаците да има и психолошки тест“, размислува Илијовска.

Според неа, возачите мора да бидат свесни дека „поставените ограничувања не се ставени случајно, туку за да не се загрози нечиј живот.“

Емилија Петреска

Фото: Constraula.com