Илон Маск планира да ги отстрани насловите од вестите објавени на X (Твитер)

Илон Маск планира да го промени начинот на кој линковите со вести се објавуваат на неговата социјална мрежа Х, претходно позната како Твитер, во потег кој може да го промени начинот на кој медиумите привлекуваат публика.

Х планира да го отстрани насловот и текстот при објавите на платформата, прикажувајќи ја само насловната фотографија од линковите кои се објавуваат, напиша Маск.

Овој потег најверојатно е обид од страна на компанијата да ги принуди корисниците да поминуваат повеќе време на Х и да ги поттикне да се претплатат на социјалната мрежа за да можат да објавуваат повеќе детали за вестите кои се објавуваат.

Во моментов не е јасно како оваа промена ќе влијае на рекламите на платформата за која Маск во јули соопшти дека има 540 милиони корисници месечно.

Во моментов линковите до вести се прикажуваат како „картички“, со слика, линк и насловот. Таквиот начин на објавување помага на медиумите да привлечат кликови и да придобијат читатели.

Но, со новата промена, корисниците најверојатно ќе треба да пишуваат текст заедно со нивните објави и евентуално да ја изберат претплатничката верзија на Х, во која во секоја објава може да се напишат вкупно 25.000 карактери текст.

Претплатниците на Х во моментов можат да објавуваат подолги видеа, имаат поголема видливост на мрежата, а исто така и добиваат дел од приходите од реклами.