Илон Маск нуди награда од 100 милиони долари за решение за отстранување на CO2 од атмосферата

Американскиот бизнисмен и милијардер Илон Маск, неделава понуди награда од 100 милиони долари за пронаоѓачите, доколку смислат начини за борба против климатските промени со отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата и океаните, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Моментално имаме само една планета. Дури и ако имаме 0.1% шанса за катастрофа, зошто да ризикуваме? Тоа е лудо“, рече Маск.

Ваквата награда, Маск ја најави уште во јануари, а во четвртокот, на Денот на планетата Земја, ги објави инструкциите за натпреварот. Организаторите го нарекуваат натпреварот „најголемата стимулативна награда во историјата“, а ќе трае четири години, до одбележувањето на Денот на планетата Земја во 2025 година.

„Фаќањето“ и складирањето на јаглеродот добива се поголемо внимание од истражувачите, бидејќи глечерите се топат поради климатските промени, се интензивираат тропските бури, односно, се зголемува бројот на топлински удари.

Државите низ светот работат на намалување на емисиите на јаглерод, но научниците истакнуваат дека во патот до целта за нула емисии до 2050 година, исто така важна улога ќе има и технологијата за намалување на јаглеродниот диоксид од атмосферата.

На натпреварот насловен „XPRIZE Carbon Removal“, тие кои ќе аплицираат мора да имаат план за отстранување на јаглеродот за најмалку сто години. Организаторите најавија дека апликациите ќе ги разгледуваат до средината на мај.