Вчера на улиците во повеќе француски градови се одржаа протести против полициското насилство и институционалниот расизам, пренесе Еуроњуз.
Демонстрациите доаѓаат три месеци откако полицаец уби 17-годишно момче. Неговата смрт предизвика бран немири низ земјата.
Во Париз маршот на илјадниците луѓе започна со извици „Полиција секаде, правда никаде“, „Нема правда, нема мир“, како и „Правда за Нахел“. Граѓаните носеа и транспаренти на кои пишуваше „Стоп за државното насилство“, „Нема да заборавиме, нема да простиме“ и „Расистичка држава, полициска држава“.
Според властите на протестите учествувале преку 31.000 луѓе, додека организаторите велат дека бројката била над 80.000 граѓани.
Министерството за внатрешни работи мобилизираше 30 илјади полицајци и припадници на жандармеријата низ земјата.
Националниот протест привлече и поддршка од преку 150 филмски ѕвезди, меѓу нив и режисерката Жастин Триет, актерите Реда Катеб и Беноа Магимел, како и продуцентката Силви Пјалат.