Илија Ангелоски – Гиле, „Герила Радио“: Младите не се доволно гласни против неквалитетната музика

Герила радио“ е емисија на Радио МОФ која може да ја слушате во резервираниот термин секој понеделник од 18 до 19 часот. Илија Ангелоски – Гиле ни ги пренесува сите новости од светот на рок музиката  и нејзините подвидови. Исто така нè запознава со музиката на домашните и странски рок артисти.

Кога започна да се емитува радио емисијата и зошто ја именувавте како „ Герила “?

Не паметам кога точно почна да се емитува Герила радио, но паметам дека сум тука кога Николај Митревски беше техничар. Со него почнавме заедно, подоцна се смени техничарот и сега на крајот со Петар. Инаку името, Герила Радио, ми дојде како професионална деформација. Историчар сум, ме интересираат револуции, битки… Во принцип, Герила Радио да биде приближно нешто, односно младите луѓе да се пронајдат во самото име со цел кај нив да предизвика некои побурни реакции нормално да не седат така, туку да се бунтуваат на секој авторитет, режим и било што во општеството.

Која е целта на радио емисијата и од каде желбата?

Целта ми е да споделувам музика со што повеќе млади слушатели. Не сакам да профитирам од ова, ниту пак да бидам познат или емисијата да е многу популарна. Едноставно се водам по паролата „Од рокенролот не можете да заработите“ и сметам дека најважна е желбата. Жално е што има млади луѓе кои оформуваат бендови само затоа што сакаат да се стекнат со популарност, тоа им е главната цел наспроти вистински да го истакнат музичкиот  талент. Моите родители се главните виновници за мојата пасија да следам радио емисии уште од рана возраст, при што ме насочија да слушам што повеќе радио емисии од областа на културата, уметноста, музиката.

По што е уникатна емисијата во однос на другите музички радио емисии ?

Не сметам дека е нешто премногу уникатна, бидејќи не сум ни прв ни последен во државата и конкретно за Скопје дека водам некоја музичка емисија. Меѓутоа како уникатност може да се земе во предвид  тоа што носам гости од различен тип, тука продефилирале голем број музичари најчесто, па после тоа уметници, поети, режисери, исто така самата емисија да предизвика слушаност кај помладата генерација, бидејќи да се стекнат навиките на младите да слушаат радио за разлика од повозрасните слушатели.

Фото: Гиле (лево) за време на снимање на својата емисија во студиото на Радио МОФ

Колку младите во Македонија слушаат рок и алтернативна музика ?

Проблемот не е дали слушаат, мислам дека слушаат голем број, голема е масата, меѓутоа не се доволно афирмирани, односно не се доволни гласни за да се бориме против она што е неквалитетно во државата поточно во културата и музиката. Недостасува медиумски простор за промоција на рок музиката, има многу мал број на телевизии во земјата кои имаат емисии посветени на музиката.

Како се развива рок музичкиот правец во Македонија и од кои наши изведувачи можеме да очекуваме квалитетна рок музика ?

Да речеме имаме бендови кои што се од постарите на пример Бис Без , Безимени, Леб и сол, подоцна во 80-тите декадата Цилиндар, Падот на Византија, Мизар, Архангел… Мислам дека сите бендови одат во нагорна линија, меѓутоа не им се дава одреден медиумски простор..

Што повеќе преферирате да пуштате во етер, класични музички наслови од 70-ти , 80-ти или нови рок синглови ?

Најчесто, досега повеќе сум се фокусирал на старите класични наслови, меѓутоа секако и новите трендови ги следам и новите бендови, односно нови синглови ако извадат или нов албум. Нови бендови како на пример Idles, Interpol што се актуелни, инаку од постарите има повеќе Joy Division, Pink Floyd, Pixies, Morfin, Clash од панк сцената, Sex Pistols, Dead Kennedys. Од југословенската сцена имам следено доста бендови – Елeктрични Oргазам, Екатерина Велика, Хаустор, Прљаво Казалиште и други.

Кои странски рок бендови и екс- ју бендови сметате дека важат за најпрепознатливи и дале посебен белег на рок музиката ?

Од македонската сцена би ги издвоил Леб и Сол, од југословенската сцена Електрични Оргазам и од светската музичка сцена Битлси.

Ангела Илиевска