ИЈЗ: Препораки за разладување на внатрешни простории при високи температури

Идеална собна температура преку ден е 21 степен, а ноќе 18 степена. Но, во период на топло време најдобро е собната температура да се одржува околу 25 степени. Домовите кои поседуваат разладни уреди за внатрешниот воздух, најдобро е да ги прилагодат на таа температура, апелира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од таму посочуваат, ако температурата надвор е повисока отколку внатре, со отворање на прозорците може да се изгуби релативно поладно засолниште.

„Наместо тоа, во периодот од 11 до 17 часот затворете ги прозорците и завесите, надворешните или внатрешните ролетни во просториите свртени кон сонце. По потреба, може да се користат и чаршафи или крпи. Отворете ги прозорците кога воздухот се чувствува поладен надвор отколку внатре, со соодветна заштита против инсекти“, посочуваат од ИЈЗ.

Според Институтот, употребата на електричните уреди создава топлина.

„Исклучете ги грејните тела, како и електричната опрема и светлата што не се во употреба. Електричните вентилатори можат да помогнат, но само ако температурата е под 35 степени. За поголема ефикасност и економичност на ладењето, изладете една или две соби наместо цела куќа“, велат од таму.

Во однос на готвењето, препорачуваат тоа да се прави во поладно време од денот. Употребата на рингли или и рерна да биде колку што е можно пократко време, а пред и по употребата да следи соодветна аклиматизација на просторијата каде се употребувале истите.

„Дрвјата се одличен начин да се одржуваат градовите ладни. Дури и едно дрво на улица или градина дава мерливи придобивки. Особено поволен ефект за ладењето даваат дрвјата со голема крошна. Размислете и за садење на дрвја, чии позитивни придобивки ќе ги почувствувате вие и идните генерации“, препорачуваат од ИЈЗ.

Правилното управување со топлината во внатрешни простории и надворешната средина не само што ги подобрува условите за живеење, велат од Институтот, туку значајно ги намалува ризиците по здравјето поврзани со високи температури.