ИЈЗ: Помалку смртни случаи од Ковид-19, но повеќе новозаразени во изминатата седмица

Намалување од 42.9% на смртни случаи од Ковид 19 во однос на претходната недела, но и најмногу позитивни во возрасната група од 30-39 забележува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје кој се однесува за периодот 31.08-06.09.2020.

Како што информираат од Министерството за здравство. во овој период се пријавени 20 смртни случаи од 13 градови што претставува намалување од 42,9% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 16 лица биле над 60 години, по 2 на возраст од 50-59 и 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години. Од починатите 15 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 17 починати лица.

Регистрирани сe вкупно 790 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, што значи зголемување од 18,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=221; 28,0%). Во истиот период, во 17 града, бројот на ново-дијагностицирани е под 20.

Притоа се тестирани вкупно 9.734 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, или 2,1% помалку во однос на минатата недела. Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 8.1% што претставува зголемување од 1.4% во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39 и над 60 години со 174 (22,0%) и 172 (21,8%) позитивни, соодветно. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасната група од 40-49 (n=134; 17,0%), 50-59 (n=129; 16,3%) и 20-29 (n=118; 14,9%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=22;2,8%) и 10-19 години (n=40; 5,1%).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=756; 95,7%), регистрирани се 132 (16,7%) хоспитализирани (зголемување од 85,9% во споредба со минатата недела), а кај 219 (29%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број на нови случаи, 237 (31,3%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување (во последни 14 дена).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.052 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за Состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија 31/08 – 06/09/ 2020 како и Кумулативна состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.