Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесоа тужба против Владата и Министерството за здравство за дискриминација врз жените земјоделки во правото на плата за време на болест и повреда, како и бременост, раѓање и мајчинство и право на надоместок на патни трошоци при користење на здравствени услуги. Овој проблем трае подолго време и не е чисто правен, туку задира многу подлабоко во прашањето на генералниот пристап до добри услуги кои го имаат жените во руралните средини. Таргетира интерсекциска дискриминација, односно покажува дека сите категории на жени не се еднакво ранливи кон дикриминација, вели претседателот на КСЗД Игор Јадровски во разговор со Радио МОФ.
„Индивидуалните земјоделки плаќаат основен придонес од 20% за пензиско, социјално и здравствено осигурување. Меѓутоа, во членот од Законот за здравствено осигурување кој кажува кој здравствени осигуренички ќе може да користат платено породилно отсуство и платено боледување од работа – тие се испуштени“, објаснува Јадровски.
За ова, истакнува тој, постојат повеќе причини. Законот за работни односи не ги познава земјоделките како вработени, иако тие вадат плата и ги исполнуваат суштинските работнички карактеристики. Но, Законот за работни односи не познава и други категории на самовработени лица, како адвокатите, а сепак тие можат да остваруваат платено породилно отсуство согласно Законот за здравствено осигурување.
„Земјоделките се наоѓаат во една вакум ситуација, каде плаќаат придонеси за здравствено осигурување, може да ги користат услугите, да одат на лекар, меѓутоа паричните надоместоци како што е оној за платено породилно отсуство и боледување не можат да ги користат. Ова ги става во понеповолна состојба во однос на другите здравствени осигуреници. Тоа е моментот на дискриминација“, посочува Јадровски.
Неколку здруженија на граѓани, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, ова го пријавиле до Комисијата. Таа уште во 2023 година утврди индиректна, продолжена интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група на земјоделките во споредба со останатите здравствени осигуренички која произлегува од Законот за здравствено осигурување.
Бидејќи овој закон го предлага Министерството за здравство, Комисијата му предложила да направи измени и дополнување во членот, со што ќе ги препознае земјоделките и така ќе ја отстрани дискриминацијата. Меѓутоа, Министерството не постапило по препораките, односно нема иницирано измени.
Вакви измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување иницираа група пратеници, за што имаше и јавна расправа, но немаше волја, па постапката не се заврши докрај, потсетува претседателот на КСЗД.
„Оттука, ние како тело за еднаквост, ја поднесуваме првата тужба од јавен интерес и бараме судот со задолжителна пресуда да го утврди она што го утврдивме како мислење“, посочува тој.
Инаку, Владата и Министерството за земјоделие три години носат „Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност“, со која доделуваат финансиска поддршка на жена земјоделка за родено дете. Со ова, институциите сметаат дека проблемот е решен. Меѓутоа, според Јадровски, ова не е одржливо решение затоа што вакво фундаментално право не може да се уредува со програма, туку единствено со закон. Самото уредување со програма, вели, претставува дискриминација.
„Дури и тие да остварат поповолно право на породилно отсуство, поголем надоместок од останатите осигуренички, повторно Законот ќе биде дискриминаторски затоа што не ги препознава како осигуренички кои треба да остварат право на породилно“, дециден е претседателот на Комисијата.
Дополнително, тој истакнува дека програмата е нефункционална, што се гледа по статистиката дека во 2023 и 2024 година само две од една цела категорија на жени го користеле платеното породилно отсуство, а аплицирале вкупно десет. Исто така, таа се носи по иницијатива и желба на министерот, па доколку тој не сака да ја донесе следната година, таа нема да постои. И да постои, појаснува Јадровски, доколку Министерството за финансии не одреди буџет за неа – ќе остане само на хартија.
Програмата не ги опфаќа ниту сите земјоделки, затоа што предвидува и дополнителни услови кои треба да ги исполнуваат, врзани со приход на семејство, обременување со документација и слично. Ограничен е и буџетот, па земјоделките со одобрени апликации ќе добијат 100 илјади денари за година, односно 11 илјади месечно, додава тој.
„Ова дополнително ќе ги обесхрабри жените земјоделки да аплицираат за оваа програма“, поентира Јадровски.
Ангела Петкова