ИДСЦС бара ревизија на учебниците за граѓанско образование

Ревизија на учебниците за граѓанско образование бара Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС). Тие забележуваат бројни проблеми во дел од учебниците по овој предмет, каде постојат содржини кои промовираат некритички однос кон авторитетите и институциите.

ИДСЦС бара да се направи ревизија на учебниците за граѓанско образование

Од Институтот посочуваат дека дефиницијата за „лојални граѓани“ дадена во учебникот за 8 одделение која вели дека тие се: „секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“ укажува кон послушност по цена на загрозување на основните граѓански и политички права на граѓанинот во една демократска држава и не придонесува кон промоција на политичка култура во која идните граѓани ќе ги оценуваат работата на институциите и општествените текови низ призмата на промоција на човековите права и слободи. Ограничувањето на слободата, објаснуваат од  ИДСЦС, е потребно да биде објаснето преку потребата за слобода и на останатите граѓани, а не преку потребата за безбедност.

„Истовремено, во истиот дел е напишано дека „лојални граѓани“ се оние кои „за својата благосостојба се заслужни самите и не се на грбот на општеството“. На овој начин, граѓаните кои се со финансиски или здравствени потешкотии, и кои за тоа примаат помош, имплицитно се дефинирани како нелојални. Имајќи предвид дека во голем дел земји постои социјална програма на државата, а некои (како и Република Македонија) се дефинирани како социјални држави, горенаведената дефиниција е во спротивност со принципите на современите општествени уредувања“, се наведува во нивното соопштение.

Според нив, лојалноста како граѓани треба да биде претставена пред сѐ преку почитувањето на основните принципи на општеството, како почитување на човековите слободи и права и посветеноста кон владеењето на правото.

„Воедно, сметаме дека поедноставувањата и илустрациите употребени во учебникот кои имаат за цел да ги претстават власта и политичките партии, се несоодветни. Таквите илустрации треба да бидат прилагодени на возраста на учениците, но и да бидат во функција на развој на граѓанската свест. Илустрацијата на власта како диспропорционална човечка фигура во однос на граѓаните го засилува пасивизирањето на граѓаните и ги прави подредени актери. На овој начин, отсуствува сликата за слободни граѓани кои активно учествуваат во процесот на донесување одлуки“, се додава во реакцијата.

Од ИДСЦС ги повикуваат надлежните институции во образовниот сектор, посебно Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, да посветат внимание и да извршат соодветна ревизија на учебниците за граѓанско образование, при што со нивните содржини ќе ги зајакнат способностите на учениците и идни учесници во демократските политички процеси за развивање критичка свест кон политиката, државата и слободите.