#IdaljeCitam утре во 10 града низ Хрватска – со марш и јавно читање ќе се упати апел до властите за проблемот со лектирите

Хрватскиот режисер Ловро Крсник во утре ќе го одбележи 100-тиот ден од неговата иницијатива за јавно читање на лектири. Тој повеќе од три месеци на глас чита дел од лектирите кои ги тргнаа од листата задолжителни лектири од основните и средните училишта.

Тоа го прави секојдневно, 60 минути, пред Владата на Република Хрватска, вклучувајќи се во живо на социјалните мрежи со хаштагот #idaljecitam. Но, овој пат, паралелно ќе се чита во повеќе од 10 града и ќе трае 100 минути. Ќе се чита „Игра во ржта“ на  Џ. Д. Селинџер, која всушност е 10-тата книга по ред што ја чита од почетокот на иницијативата.

[Интервју] Ловро Крсник, #IdaljeCitam: Ако се бориме за нешто што е важно, за тоа е потребно време

Градови кои се очекува да се приклучат во утрешната акција се: Риека, Пула, Чаковец, Пазин, Осиек, Бјеловар, Вуковар, Пожега, Задар и Град Крк.

Покрај читањето, ќе се одржи и марш, од Владата до претставништвото на ЕУ во Хрватска. Во него ќе учествуваат актери кои ќе интерпретираат делови од книгите кои досега биле читани. По маршот, ќе биде прочитана и Декларацијата за правото на европските граѓани за писменост.

„Со овој перформанс ќе се упати симболичен апел до институциите на Европската Унија, кога веќе хрватските не се заинтересирани“, стои во настанот.

Крсник ги повика сите граѓани да се приклучат во некоја од планираните локации, носејќи свој примерок од книгата „Игра во ржта“ и заедно да укажат на важноста на читањето.