И во смртта не се слуша крикот за помош на Росица

Околу стотина граѓани се собраа во паркот „Жена Борец“ во Скопје, каде го блокираат булеварот „11 Октомври“ пред Собранието во знак на протест по фемицидот во Велес кога 31-годишната Росица Колева и нејзиниот татко беа свирепо убиени од страна на нејзиниот поранешен партнер Илија С, пренесува агенцијата Мета.

„Оваа блокада, како што гледате, не е многу бројна. Се чини дека дури и во смртта крикот за помош на Росица не се слуша, не одекнува, потиснат е од дневно политички теми кои не засегаат никого освен партиите и нивните тесни интереси”, рече една од организаторките на блокадата алудирајќи на фактот дека со месеци наназад Росица барала помош од институциите но била оставена на милост и немилост на нејзиниот убиец.

„Наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе. Никој нема да дојде да нè спаси, овој систем не нè штити, насилството се игнорира и кога се пријавува“, додаде таа.

Друг говорник рече дека „треба да покажеме дека одбиваме да живееме во оваа нормалност”.

Ова е втор ваков протест, но се чини дека нема доволно масовност што дополнително ја отсликува состојбата на умот во која се наоѓа македонското општество и мнозинството од граѓаните.

Фото: Мета.мк