И ССНМ ги осудува нападите врз новинарите и медиумските работници

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се приклучи на вчерашната реакција на Здружението на новинари на Македонија и Советот на етика во медиумите изразувајќи осуда за последните вербaлни напади врз новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници.

„Особено е недозволено кога некој што е во медиумската индустрија си дозволува вербални и пишани напади на колеги и колешки од други медиуми, каков што беше скорешниот случај со фоторепортерката Арбнора Мемети, како и вербалниот напад и вознемирувањето по телефон од страна на свештено лице со кое се соочил новинарот на Плусинфо, Мартин Богатиноски“, забележуваат од ССНМ.

Оттаму потенцираат дека не мора секој вербален (или физички) напад врз новинари и медиумски работници да биде означен и да се толкува како напад врз слободата на говор и медиумските слободи воопшто.

„Вистина е дека е многу тенка границата да се расчисти кога еден напад може да се толкува како напад врз новинар или друг медиумски работник, но таа постои и основната проценка е дали нападот е поврзан со новинарската работа или станува збор за неповрзан настан кој е од лична природа“, велат од овој синдикат.

Затоа ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници случаите на какви и да се напади врз нив веднаш да ги пријавуваат во канцеларијата на синдикатот, односно на телефонскиот број 070 843 318, по електронска пошта на ssnm.info@gmail.com или на профилите на ССНМ на социјалните мрежи .

Според нив, секој напад мора внимателно да се истражи, а институциите задолжени за расветлување и за прекршочна или кривично правна одговорност мора да дејствуваат најажурно.

ЗНМ и СЕММ: Вербалните и сите други напади кон новинарите треба веднаш да престанат