ЗНМ и СЕММ: Вербалните и сите други напади кон новинарите треба веднаш да престанат

Здружението на новинари на Македонија и Советот за етика во медиумите реагираат на серија вербални или напади преку социјалните мрежи, како и закани кон новинари периодов. Во изминатите денови двајца новинари во одвоени инциденти, биле вербално нападнати од лица на кои не им се допаѓало известувањето за одредени теми.

Последните напади доаѓаат во пресрет на 2-ри ноември, Меѓународниот ден против неказнивоста на нападите кон новинарите. Овие напади се само дел од низата регистрирани последнава година,  вкупно 14 на број, велат медиумските здруженија. Тие укажуваат дека само еден случај на закана кон новинарка е решен со судска пресуда во 2020 година, што според нив е разочарувачки.

„Новинарот Мартин Богатиноски од Плусинфо посведочи дека бил предмет на вербален атак од страна на свештено лице на МПЦ-ОА. Според колегата Богатиновски, на погребот на негово блиско лице од семејството, имало инцидент од страна на присутниот поп, кој вербално го омаловажувал новинарот на Плусинфо поради претходно објавени текстови во врска со МПЦ-ОА. Во укажувањата од колегата Богатиновски се вели дека инцидентот се случил откако новинарот побарал објаснување од попот, зошто не е дозволено свештеник од Православната охридска архиепископија (ПОА) да учествува на верскиот чин на погребот.

Денеска колегата Богатиновски на неговиот профил на социјалните медиуми укажа дека истиот поп телефонски се јавил на неговите родители по што заканите продолжиле.

Во друг инцидент, новинарката Памела Цилаков дописник за Велес од Македонската радио-телевизија (МРТ) вели дека родители на деца од подрачното основно училиште во село Клуковец „Васил Главинов“, за кое таа изготвувала сторија, вербално ја нападнале. Вербалната расправија според Цилаков, дошла до ниво во кое таа стравува дека може да биде и физички атакувана. Откако сторијата за овој инцидент ја објавил локален портал, Цилаков добила низа на непријатни пораки преку Фесјбук од жителите на истото село, со закани дека ќе ја тужат и пријават во полиција поради давање лажен исказ“, информираат од ЗНМ и СЕММ.

Тие нагласуваат дека работата на новинарите е јавна, а нивното право на слободно известување е неприкосновено право. Но, реагираат бидејќи како што велат вербалните напади врз новинарите продолжуваат без санкции.

Освен јавна осуда на овие инциденти, ЗНМ и СЕММ бараат да има и формално проследување на настаните од страна на одговорните институции и службените лица.

„Истовремено, очекуваме и дека МПЦ – ОА ќе се огради од неодговорните настапи на поединци кои се дел од МПЦ -ОА, и воедно ќе им укаже дека односот кон јавноста мора да биде проследен со одговорен, а не насилнички пристап, секогаш, па  дури и кога не се согласуваат со ставовите на новинарите и граѓаните“, стои во реакцијата.