ХОПС распиша повик за резиденцијален престој на млад визуелен уметник

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распиша отворен повик за резиденцијален престој од 10 дена за еден млад визуелен уметник периодот од 15 до 25 септември.

Избраниот млад уметник ќе има можност да оствари резиденцијален престој во Вилата Преведена која се наоѓа на планината Огражден, помеѓу Берово и Струмица.

Уметникот ќе има можност да ја истражува темата „Животот во природа“, барајќи одговори на прашањата како дали е возможна значајна промена кај македонскиот граѓанин кој би се свртел кон населување на запуштените села или живот во природа надвор од населени места, дали животот во природа за младиот македонски граѓанин е возможен и кои се предности, а кои се недостатоците на животот во природа надвор од градовите.

„Во текот на последните 2 дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со уметникот/чката. Во договор со уметникот/чката во текот на месец ноември ќе биде организирана виртуелна (онлајн изложба). На изложбата ќе бидат промовирани делата креирани како резултат на престојот во природа и истражување на поставената тема“, велат од ХОПС.

Оттаму дополнуваат дека делата кои уметникот ќе ги изработува за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од форми на визуелна уметност – фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт.

Според условите за пријавување, пријавените визуелни уметници треба да се на возраст до 35 години и да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект. Дополнително, во пријавата треба да бидат доставени најмалку три уметнички дела, како и портфолио, биографија и мотивационо писмо.

Краен рок за пријавување е 5 септември, а заинтересираните треба да ги поднесат потребните документи на електронската пошта vlatkod@hops.org.mk