Холандски средношколци го чистеа ѓубрето пред Клинички центар

Средношколци од гимназија во Ротердам денес метеа и го чистеа расфланото ѓубре во паркчето пред Детската клиника на Клиничкиот центар, објави порталот „Сакам да кажам“.

Тие заедно со своите професори деновиве работат на фарбање и украсување на спратовите во Детската клиника, проект на холандската невладина организација „Аут од ареа“, но згрозени од глетката решиле да го исчистат и ѓубрето во дворот.

Граѓаните изминатиот период на социјалните мрежи споделуваа фотографии од преполните контејнери, расфрланото ѓубре и медицински материјал низ целиот Клинички центар.

Во меѓувремен се одржуваа викенд- акции за чистење со поддршка на Град Скопје, иако оттаму нагласија дека ѓубрето на клиника не е во нивна надлежност.

Од Министерството за здравство, пак, информираа дека проблемот ќе продолжи да се решава со вакви акции, бидејќи тендерот за избор на фирма која ќе ја одржува хигиената во Клинички центар е поништен. Како што посочија, ингеренциите за распишување тендер се вратени на Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники.