Со викенд акции ќе се чисти ѓубрето од Клиничкиот центар во Скопје

Град Скопје, Министерството за здравство и скопските јавни претпријатија, се пофалија дека денеска е исчистено ѓубрето од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, местото каде што секојдневно се лекуваат илјадници граѓани од цела Македонија.

Граѓаните изминатиот период на социјалните мрежи споделуваа фотографии и беа згрозени од преполните контејнери, расфрланото ѓубре и медицински материјал низ целиот Клинички центар.

Проблемот, како што е наведено во соопштението на Министерството за здравство, ќе се решава со викенд акции.

„Викенд-акциите ќе продолжат и во следниот период до целосно системско решавање на проблемот со хигиената во Клинички центар „Мајка Тереза“, посочуваат од Министерството за здравство.

Од Град Скопје пак соопштија, дека иако ова ѓубре не е нивна работа бидејќи не е во нивна надлежност, решиле да ја поддржат денешната акција.

„Град Скопје иако нема обврска на чистење во рамките на Клиничкиот центар, сепак хигиената е врвен приоритет на градот, па затоа реши повторно да се вклучи и помогне во чистењето, а кога станува збор за здравјето на граѓаните, Град Скопје секогаш ќе стои на располагање со својата помош. Исто така, Град Скопје ги повика граѓаните совесно да ја оддржуваат и се грижат за хигиената во градот и да се вклучат во сите активности што ќе придонесат за почисто Скопје“, стои во соопштението од Градот.