ХЕРА: Секоја втора девојка на 15 години е депресивна

53 отсто од девојчињата и 19 отсто од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение, покажуваат податоците од ХБСЦ студијата за однесувањaта поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст, пренесува ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување. Според нив, ова е повод за заедничка акција од родителите, училиштата и институциите за да се создаде безбедна и поддржувачка средина, каде младите ќе се чувствуваат прифатени и ќе добијат навремена психосоцијална поддршка, пренесува агенцијата Мета.

„Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на младите. Сè почесто се соочуваме со случаи на анксиозност, депресија и изолираност кај деца и адолесценти, предизвикани од навреди, исклучување или насилство од врсниците – како во училиште, така и онлајн. 53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение, покажуваат податоците од ХБСЦ студијата“, се вели во соопштението на ХЕРА.

„ХЕРА ги информира граѓаните од општина Центар и основните учлиштата дека младите треба да побараат поддршка кога им е потребно. Услугите поврзани со психосоцијална поддршка, превенција од дроги, професионални советувања за ментално здравје, како и превенција и заштита од насилство, се достапни бесплатно. Услугите се достапни секој работен ден од понеделник до петок, во однапред закажан термин, за сите граѓани вклучително и младите, учениците, наставниците, родителите кои се соочуваат со предизвиците на секојдневието“, се вели во соопштението на ХЕРА.

Ана Попризова, психотерапевтка и училишен психолог во гимназијата „Орце Николов“, вели дека стручните служби во училиштата континуирано работат со ученици и родители согласно внатрешните процедури, но кога е потребна терапевтска интервенција, постоечките ресурси не секогаш се доволни.

„Со вклучување на советувалиштата на ХЕРА, кои се дел од системот на социјална заштита, училиштата добиваат дополнителна поддршка за случаи кога учениците, семејствата или старателите имаат зголемени потреби“, истакна Попризова.

За повеќе информации и закажување термини, младите можат да се обратат во советувалиштата на ХЕРА, односно во Првиот семеен центар кој е отворен во понеделник, среда и петок (09:00–16:00), а во вторник и четврток (12:00–19:00), на телефонскиот број 02/3200 007 и 070 249 596. Е-адресата е infopsc@hera.org.mk.

Младите може да се обратат и во Центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи – ММ центар, кој е отворен од вторник до четврток (10:00–17:00), а советување може да се закаже на 070 299 026.

Исто така, на рапсолагање е и Советувалиште за превенција од употреба на алкохол и дроги во Младински центар „Сакам да знам” на Водно, каде што повеќе информации може да се добијат на 02 3176 950.