Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира и го осудува дискриминирачкиот однос на Олимпискиот базен Центар кон лицата со инвалидски колички откако беше забранет влез за дете во инвалидска количка.
Олимпискиот базен во Скопје остана затворен за дете во инвалдиска количка
Од Хелсиншки се повикуваат на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост[1], која е ратификувана од страна на Република Македонија на 05.12.2011 година, во која има посебен дел за пристапноста каде државите членки се обврзуваат да преземат соодветни мерки за обезбедување на приватните ентитети кои нудат капацитети и сервисни служби кои се отворени или обезбедени за јавноста, да ги земаат предвид сите аспекти на пристапност на лицата со попреченост. Со Конвенцијата државите членки се обврзуваат да ги преземат сите соодветни мерки за овозможување на лицата со попреченост да учествуваат на еднаква основа со другите во рекреативни, слободни и спортски активности и се обврзуваат за таа цел да им обезбедат непречен пристап до спортски, рекреативни и туристички објекти.
Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, појаснуваат од Хелсиншки, за дискриминација на лицата со ментална и физичка попреченост се смета и тогаш кога нема да се преземат мерки за отстранување на ограничувањата, односно прилагодување на инфраструктурата и просторот, користење на јавно достапни ресурси, или учество во јавниот и општествениот живот.
„Од горенаведените причини неосновани се оправдувањата на сопственикот на базенот дека од технички и финансиски причини не може да се овозможи пристап за лицата со попреченост. Уште повеќе нејасно е како овој спортски објект добил дозвола за работа и покрај неисполнувањето на условите за пристапност согласно законската регулатива. Напоменуваме дека се работи за спортски објект кој дава јавни услуги и кој има законски обврска за исполнување на норми и стандарди без разлика на тоа дали е во јавна или приватна сопственост. Сакаме и да истакнеме дека најголемиот дел од објектите во државата се непристапни за лица со попреченост, поради што овие лица се оневозможени да ги остварат своите права и активно да учествуваат во општествениот и културниот живот“, заклучуваат од Хелсиншки.