Олимпискиот базен во Скопје остана затворен за дете во инвалдиска количка

Кога Маја Лазаревска и нејзиниот син Лео, викендов одлучиле да се разладат на базен, одговорот кој го добиле бил повеќе од разочарувачки. „Забрането е движење на инвалидски колички низ содржините на базенот“, им соопштило лицето од Олимпискиот базен во Скопје, што одговорило на нејзиниот телефонскиот повик, објаснува мајката.

„ Лео има девет години и често одиме по базени бидејќи за неговата состојба е неопходно пливање. Поради спазмите кои ги има во телото единствено во вода може да има слобода да се движи. Во Скопје единствен базен со адаптирани содржини е ‘Карпош’. Значи има и рампа за симнување во базенот со количка и бесплатно имаат одобрено термин, секој ден од 16 до 17 часот, каде децата преку здружението ‘Дајте ни крилја’, добиваат терапевтско пливање веќе 6 години. Но, во моментов базенот се чисти и ќе биде затворен до 12 август, што беше причина да помислам да одиме во Олимписки базен“, објаснува Лазаревска.

Свесна за тоа дека е предизвик да се расте дете во количка во Македонија, таа била подготвена дека ќе наиде на пречка, како отсуството на пристапна рампа за колички во објектот. Сепак, воопшто не очекувала дека поради попреченоста, на нејзиниот син ќе му биде забранет влез во базенот.

„Движење во количка секогаш е проблем во Македонија, и како редовна активност ми е планирањето како ќе се движиме. Се јавив пред да тргнеме да прашам дали низ базенот имаат скали, како е со соблекувалните, бидејќи јас сум женско, а син ми е машко, да испланирам каде би го облекла. Но, на тоа добив одговор дека влез за вакви лица е забранет. Бев во шок бидејќи вакво нешто не очекував и пак им повторив дека Лео се движи со помош, јас ќе го качам по скали, дали само некој може да ми помогне да ја качи количката. Тогаш оттаму девојчето (на телефон) ми објасни дека количката е забранета, и не е дозволено движење со количка низ содржините на базенот бидејќи количката се движела надвор, од безбедносни хигиенски причини. Се извини што не направиле посебен влез и посебен базен, што е уште една форма на дискриминација“, раскажува Лазаревска.

Своето искуство таа го сподели на социјалните мрежи, каде доби голем број поддржувачи. Но, изостана јавна реакција на раководството на базенот. Сепак, биле информирани за случајот, вели за Радио МОФ Мијалчо Маневски, управник во Олимписки базен.

„Никој никому не му забранил да дојде на базен“, реагира Маневски.

„Проблемот не е во пристапот до базенот туку во технолошкото користење на базенската вода. Кога ќе дојде инвалидизирано лице со количка , треба да влезе во соблекувална, да облече костим за капење, да носи посебно пешкир и фен, треба да се пресоблече и истушира, да помине низ дезо – бариера пред да влезе во базен. Кога ќе стигнете до базенот треба ли да влезето во вода. Како? Ние немаме посебни лифтови за спуштање во вода. Не се работи овде за скратување право на некого“, се правда Маневски.

Уште поголем проблем, додава управникот, е тоа што немаат ниту технички, ниту финансиски можности да гарантираат безбедност на лице во инвалидска количка кога во базенот има стотина лица.

„Како ние да преземеме обврска за безбедност на тој човек. Како ќе го внесете изнесете во вода, како ќе го изнесете во вода, како ќе се однесува во вода. Одговорноста кога нешто не дај боже му се случило не е на родителот, одговорноста е на мене“, вели Маневски.

Решение за него е воведувањето посебни термини за лицата со посебни потреби, како што досега правеле, кога доаѓаат малку корисници, па цел персонал е посветен на нив.

Сегрегација или инклузија

За Ребека Јанковска Ристески од Здружението за деца со посебни потреби „Дајте ни крилја“, посебните термини не се решение поради тоа што дополнително ја нагласуваат сегрегацијата кај овие деца.

„На многу од децата со потреби им пречат гужвите и не сакаат да влезат во базенот. Конкретно за Лео, сметам дека ако на детето не му пречи гужвата, не гледам зошто да не оди. На него му треба само помош со количката, овде треба добра волја. Бараат само да влезат на базенот“, објаснува Јанковска Ристески.

Со „Дајте ни крилја“ повеќе години го работат проектот за терапевтско пливање на деца со посебни потреби, кој се одржува во рамки на редовното работење на базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.  Користат мал дел од малиот базен, но по потреба се влегува и во големиот базен. Сепак, ова е повеќе исклучок, наместо правило.  Забележува дека дури и базените во центри за физикална терапија не се отворени за лицата со посебни потреби иако се познати придобивките од пливањето.

„Имавме дечиња кои беа со церебрална парализа кои не се движеа, водата им помогна да одат. Водата е фантастична средина за овие лица. Нема центар во странство каде што има третирање на лица со посебни потреби без базен. Базенот е прв избор кој се користи за терапија“, вели Јанковска Ристески

Свесна е дека во случајот со малиот Лео се работи за влез во приватен базен, но уверена е дека ако се има волја, тогаш лесно ќе се надминат пречките, посебно кога се од финансиски карактер.

„Тој што сака, ќе направи. Ако се има добра волја, ќе се направи. Има фондови од Амбасади, донации, јас верувам дека секој сопственик многу лесно би се снашол. Нема оправдување, сепак е до свесноста и до волјата на прво место“, децидна е Јанковска Ристески.

Ј.Ј.