[Интервју] Хана Селимовиќ: Ние сме генерација на затворени врати

Хана Селимовиќ, 27-годишната српска актерка од пред една недела е дел од групата што го окупираше киното „Ѕвезда“ во Белград заедно со уште неколку членови на „ Движење за окупација на кината“.  Окупацијата започна на 21 ноември, во вечерните часови. Киното „Ѕвезда“ е една од 15-те сали кои се дел од „Белград филм“. Приватизирани во 2000-та, денес местата се рушевини. Хана заедно со свои колеги веќе неколку дена ги чистат просториите на киното, организираат проекции и трибини, а навечер спијат во канцелариите.

Како што вели Хана во интервјуто за Радио Слободна Европа, она што се случува во киното, ја разбуди надежта дека во Србија сепак вреди да се остане.

Зошто кината се поважни од трговските центри?

Прво, сметам дека за демографијата на еден град е многу важно да се води сметка за тоа. Второ, Белград е метропола, ние така го нарекуваме, зар не? Мислам дека е недозволиво Белград да нема ниедна градска сала што ќе промовира домашен авторски филм, условно кажано. И не само тоа, туку вистинска програма што не е условена од капиталистичките, односно пазарните вредности кои немаат врска со квалитетот.

Како дојдовте до идејата преку ваква герилска акција да застанете против уништувањето на културата?

Таа идеја дојде откако различни групи на луѓе со различен временски дух дојдоа на иста или слична идеја. Режисерката на филмот „Непослушни“, Мина Ѓукиќ, во кој играм со мојот колега Младен Совиљ и многу други прекрасни луѓе, заедно со нас дојде до идејата дека сакаме да направиме премиера на филмот не во некој трговски центар или Сава центар, туку во духот на нашиот филм, сакавме нашиот филм да се прикаже во некое од старите кина. Колегата Лука Бурсач, со своите актери од неговите филмови и со други луѓе кои не се занимаваат само со актерство – директори на фотографија, драмски писатели и други луѓе – дојде до идеја дека нешто радикално мора да се направи. Тука се и луѓето од Министерството за просторно планирање кои веќе еднаш имаа полууспешен обид да влезат во киното итн. Се акумулираше одредено тело од голем број на луѓе со исто чувство кое дојде со одлуката дека нешто треба да се направи. Јас сум задоволна од организацијата по којашто работите функционираат бидејќи има многу луѓе, а немаме никакво уредување.

Што планирате за понатаму?

Ние имаме намера да го обновиме киното преку кампања. Онака како што сме почнале би можеле да собериме одредена количина на пари што ќе ја вложиме во обнова на киното. А потоа нека му е на честа на секому за тоа што ќе се случи потоа.

Имам чувство дека добивте добра медиумска поддршка. Дали за вас тоа беше изненадување?

До некаде да, но од друга страна мислам дека сме изгладнати до таа мера од баналност, евтини вести, беден сензационализам, така што луѓето се гладни за убави вести. Во тој случај не сум изненадена, но се плашам дека сме склони кон тоа да паметиме кратко и дека оваа работа во медиумите за кратко ќе се заборави. Сметам дека на оваа работа ѝ е потребна апсолутна медиумска поддршка бидејќи ова не е трка на 100 метри, туку маратон и нам ни е потребна поддршката бидејќи сами не можеме сè да направиме. Во тој случај, апелирам до медиумите ова да не помине како кратка сензација која ќе биде интересна, а потоа некои млади се заиграле.

Кои се луѓето кои доаѓаат во киното? Каква е вашата публика?

Доаѓаат разни луѓе – млади, деца, студенти, колеги, повозрасни луѓе, луѓе кои се сеќаваат на киното како местото пред кое се среќавале со своите девојки. Денеска зборував со еден господин кој вели дека на киното се сеќава уште од 1945 година, па ми зборуваше за таа генеза на сеќавања.

Што понатаму? Имате ли концепт за тоа што треба да се направи? Дали ќе се обидете да ја укинете приватизацијата на „Белград филм“?

Укинувањето на приватизацијата на „Белград филм“ е секако една од работите кои би биле доста значајни. Доживеавме да живееме во време кога правдата звучи смешно и наивно. Јас сега зборувам пред конкретна група на млади уметници што се нарекува „Движење за окупација на кината“. Нашата основна цел е заживување и обнова на киното и враќање на духот на градот. Прашањата во врска со сопствеништвото и управата не се наша првична цел. Ние не дојдовме за да ја реприватизираме целата работа. Да, секако треба да се зборува за можните модели на управување. Но, во тие модели дефинитивно не влегуваат национализација и приватизација. Но, нашата основна цел е да му ја вратиме верата на градот дека младите можат да го подигнат гласот и со тоа да предизвикаат некаков вид промени. Ние не сме држава. Јас сум зачудена – новинарите со денови ни поставуваат прашања како да сме на општинска седница. Како мислат тие дека неколку луѓе од 30 години, некои дури и немаме 30 години, можат да решат проблеми кои во држава постојат веќе 40 години? Како, во ред, ние влеговме во киното, тоа значи дека сме способни да ги решиме сите државни, економски, правни и морални проблеми. Тоа е смешно. Ние во движење наоѓаме решенија. Она што сега многу добро го правиме е што правиме магија и создаваме добра атмосфера.

Доаѓаат ли граѓани да ви донесат чај или кафе? Како изгледа комуникацијата со нив?

Да, сè ни носат. Ни носат храна. Ни носат различни донации за киното. Добивме апарат за пуканки, средства за чистење, тоа беше доста важно. Сè што успеавме да направиме беше овозможено благодарение на граѓаните. Овој состав во киното и обновувањето го има овој облик бидејќи граѓаните сакаат тоа да биде така. Замислете колку е тоа прекрасно! Тоа значи дека нашиот град само спиел, дека е жив – дека навистина може да биде сè во ред.

Целото интервју може да се прочита на овој линк.