Хакирана фејсбук-страницата на УКИМ, Универзитетот вели дека е контролирана од непознат субјект

„Стрижењето придонесува за целокупното здравје на овците“, „Млада девојка со одлични вештини за поставување плочки“, „Смешно семејство со непослушна мала ќерка“, „Ме расплакуваш девојче“, „Тие се одлични мајстори за секачи“…

Ова се дел од натписите кои заедно со видеа деновиве се објавуваат на официјалната фејсбук-страница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје. Се работи за рандом видеа неповрзани со дејноста на Универзитетот, кој последниот свој пост го има на 3 јуни – за интернационален стартап натпревар.

Според Универзитетот, изведен е хакерски напад и фејсбук-страницата во моментов е контролирана од непознат субјект.

„Се извинуваме за настанатите непријатности и се оградуваме од сите објави на неа, до повторно преземање на администрирањето од страна на службите на УКИМ. Истовремено, ве информираме дека се преземени сите активности во согласност со Статутот на УКИМ, позитивната законска регулатива во државата и правилата на работење на Фејсбук“, стои во јавното соопштение на УКИМ.

Радио МОФ уште пред два денови објави дека преку фејсбук-страницата на УКИМ во живо се пренесуваше популарната игра „League of Legends“. „Здраво на сите“ беше пораката на на англиски јазик придружена со преносот, кој траеше три часа и четири минути. Сега, таа објава е тргната, но објавени се десеттина нови видеа.

На Фејсбук страницата на УКИМ вчера во живо се пренесуваше играта „League of Legends“