Група блиска до унгарскиот премиер ја доби фреквенцијата на независното „Клубрадио“

Независната радио станица „Клубрадио“ која беше принудена да прекине со емитување на програмата во февруари, вчера соопшти дека нејзината стара фреквенција е доделена на радио станица која припаѓа на група блиска до премиерот Виктор Орбан, пренесува „Н1“.

„Клубрадио“, чии вести и дебати честопати беа критични кон владата, беше принудено да престане да емитува програма, бидејќи не доби обновување на лиценцата.

Во тоа време, Европската Унија и САД ги критикуваа унгарските власти, оценувајќи дека станува збор за нов напад врз слободата на медиумите.

Унгарскиот регулатор за медиуми (НМХХ) соопшти дека „Клубрадио“ не ги почитувал административните правила за обновување на лиценцата и на 30 март ја додели фреквенцијата на тоа радио, на медиумска група блиска до Орбан.

Според редакцијата на „Клубрадио“, НМХХ делувал на незаконски начин.

„Регулаторот ја ‘додели фреквенцијата на медиумска група блиска до Владата, иако покренавме правни акции кои уште траат, со цел да ја вратиме фреквенцијата’“, изјавија од редакцијата.

Радиото кое започна со емитување програма во 90-тите години на минатиот век, се соочуваше со низа пречки и правни битки во последните неколку години, со цел да остане во етерот. Унгарскиот регулатор пак, чии членови се блиски до владејачката партија „Фидес“, рече дека одлуката на телото не е политичка.

Според извештајот на меѓународната организација „Репортери без граници“ од 2020 година, Унгарија е на 89-то место на листата на слобода на медиумите и падна за 16 места во споредба со претходната година.

Одземена лиценцата на унгарското „Клубрадио“, експертите сметаат дека е пресметка со независните медиуми