Грција соработува со уште четири европски земји на воспоставување центри за депортација во трети земји, најверојатно во Африка, наменети за мигранти чии барања за азил се одбиени, изјави грчкиот министер за миграции Танос Плеврис.
Плеврис за грчката државна телевизија ЕРТ изјави дека Грција заедно со Германија, Холандија, Австрија и Данска работи на формирање таканаречени „повратни центри“, по можност во Африка. Министрите на петте земји веќе одржале состаноци на оваа тема, а техничките тимови треба да се состанат следната недела.
„Повеќе не зборуваме теоретски, туку практично“, рече Плеврис, додавајќи дека изборот на Африка не е обврзувачки. Тој објасни дека центрите би биле наменети за лица чии барања за азил се одбиени, а нивните матични земји не сакаат да ги примат назад. Според него, ваквите центри би имале и одвраќачки ефект врз потенцијалните мигранти.
Грција, како една од главните влезни точки во Европската унија, со години се соочува со силен миграциски притисок, особено преку морските рути од Турција и северна Африка. Последниве години властите зазедоа построг став кон миграцијата.
Плеврис наведе дека во 2025 година е забележан пад од 21 отсто на илегалните пристигнувања во споредба со 2024 година, односно околу 13.000 помалку. Европскиот парламент неодамна усвои нови правила со кои се олеснува одбивањето на азил и депортацијата во безбедни земји. Грција моментално спроведува меѓу 5.000 и 7.000 повратувања годишно, но тоа, според министерот, не е доволно.
Извор: EUpravozato
Фото: Freepik



