Граѓаните слушнати, ќе куртулат парковите во Чаир

Луѓето секогаш сметаат дека ова е однапред изгубена битка, но ако иницијативата е искрена и граѓанска, а граѓаните сложни, тогаш ваквите реакции би можеле да вродат со плод. Ова е пораката од Бујар Идризи, еден од најгласните членови на Иницијативниот одбор за спас на парковите во Чаир, по добиеното јавно ветување од страна на градоначалникот Изет Меџити дека ќе се запрат плановите за изградба на 10 висококатници среде чаирските паркови.

Граѓаните слушнати, ќе куртулат парковите во Чаир

По интензивни преговори меѓу општинските власти и граѓаните, договорено е сепак да останат маркиците за две висококатници, бидејќи за нив, посочуваат од општината, веќе биле завршени сите процедури. Како обештетување за граѓаните, градоначалникот вети дека општината ќе инвестира во нови фасади и лифтови во старите згради иако општината ќе загуби повеќе од 5 милиони евра за предвидени комуналии поради промената на плановите.

Не сме најсреќни со ваквото решение со кое две висококатници сепак ќе никнат во парковите, додава Идризи за Радио МОФ, но моравме да направиме одреден компромис со општината.

Гласот на Чаирчани за првпат одекна во јавноста пред два месеца. Откако почна да се расчистувааат парцелите за изградба на новите згради, тие се беа непријатно изненадени од новиот урбанистички план, инаку донесен уште во 2006-та, со кој на местото на парковите помеѓу старите згради крај улицата „Ќемал Сејфула“, требаше да никнат десетина висококатници. По првичниот отпор од страна на општинските власти, петицијата потпишана од 600 граѓани и протестот за спас на зеленилото, градоначалникот сепак одлучи да ги прими граѓаните.

Од Иницијативниот одбор сега најавуваат дека ќе внимаваат дали јавното ветување ќе биде исполнето.

Ваквата разврска денеска беше поздравена и од „Плоштад Слобода“од каде соопштија дека овој преседан треба да биде следен и од останатите општини, а компромисот што го постигнаа локалната власт и граѓаните во Чаир е за пофалба.

„Откако граѓаните гласноповикаа општината да помогне во зачувувањето на зеленилото воопштината, 10 од 12 паркови се спасени благодарение на цивилизираниот и демократски однос на општината кон своите граѓани. Откажувањето од потенцијалниот приход од 500.000 евра од страна на општината е секако значаен фактор во постигнатиот договор, но уште повпечатливо е приоретизирањето на здравјето и животната средина на граѓаните пред бизнис интересите и општинскиот буџет“, соопштија од „Плоштад Слобода“ .

Оттаму ги повикаа и останатите скопски градоначалници, а посебно Жерновски (Бристол) и Јакимовски (Мексичка), на сличен начин да обезбедат демократски и цивилизирани дијалози со граѓаните за спас на зеленилото и парковите во Скопје.

Ј.Ј.