[Видео] Жителите на Чаир со иницијатива за спас на парковите

[Видео] Жителите на Чаир со иницијатива за спас на парковитеНаместо парк со педесетгодишни дрвја, на ова место треба да никне зграда. Истото ќе се случи и 100-тина метри подалеку, тука веќе започнале ископите. Со новиот урбанистички план во општина Чаир, помеѓу главната улица Кемал Сејфула и помалите, Струмичка и Ресенска, планирани се повеќе нови згради, објаснува Бујар Идризи, член на иницијативниот одбор за промена на ДУП-от во Чаир. Петицијата ја потпишале 600 станари од 7 згради. Деновиве таа беше доставена до градоначалникот Изет Меџити. Чаирчани бараат да им се вратат парковите и да се избришат зградите.

За градоначалникот на општината Изет Меџити, ова е речиси завршена работа. Планот е донесен во 2006-та, со анкета и јавна дебата која минала без забелешка. Можни измени, вели тој, може да се направат само кај оние парцели кои сеуште не им се продадени на инвеститорите.

Но со петицијата за зачувување на парковите во Чаир, кај иницијаторот Бујар Идризи почнаа и притисоците. Деновиве била обиена неговата канцеларија. За Идризи, ова е очекувано предупредување.Тој не планира да се откаже, бара општинските власти да ги покажат плановите и да престанат да се кријат од своите граѓани. Ако почне изградбата на зградите, ќе ескалира и незадоволството на граѓаните, смета Идризи. Граѓаните и сега се жалат на немањето паркинг места и слабиот притисок на водата, посебно во лето.

Сега Чаирчани го чекаат одговорот на општинските власти. Се надеваат дека гласот на граѓаните , ќе биде посилен од оној на инвеститорите.

Јасмина Јакимова