Графичкиот роман „Чанбара“ од италијанските стрип автори Роберто Рекиони и Андреа Акарди достапен на македонски во „Бункер“

Стрип издавачот „Бункер“ во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“ го издаде десеттиот графички роман „Чанбара“ од италијанскиот авторски тандем Роберто Рекиони, сценарист и долгогодишен главен уредник на италијански стрип-серијал Дилан Дог и Андреа Акарди, цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како Текс Вилер.

Преводот од италијански јазик е на Искра Димковска, лектурата на Татјана Б. Ефтимоска, а дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски.

„Се работи за поново остварување на италијанскиот издавачки гигант ‘Серџо Бонели Едиторе’, кој повеќе децении на нашите простори е познат по популарните јунаци Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер, Мистер Но и многу други“, велат од „Бункер“.

Како што посочуваат оттаму, терминот „чанбара“ на јапонски сленг означува борба со мечови и истиот има посебно место во златната ера на филмот во Јапонија помеѓу четириесетите и шеесетите години од минатиот век.

„Стрипот дава минуциозен опис на феудалните прилики во Јапонија во 17 век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите во него детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот“, додаваат од идавачката куќа.

Како што информираат оттаму, италијанскиот дневен весник „Ла Стампа“ во написот посветен на овој стрип истакнува дека сценаристот Рекиони приказната во стрипот ја раскажува во манирот на еден Акира Куросава или Сем Пекинпо што е најголем можен комплимент кој еден стрип-автор може да го добие.

„И навистина, ‘Чанбара’ е извонреден стрип не само поради прекрасниот цртеж на Андреа Акарди, туку и поради фасцинантната способност на Роберто Рекиони да раскаже безвременска приказна. Креативната уметничка соработка на двајцата реномирани италијански автори во ова дело го одбележува врвот на нивните кариери“, потенцираат од „Бункер“.

Делото преведено на македонски јазик е печатено во форма на репрезентативно библиофилиско издание со тврд повез и боја. Исто така, преводи од изданијата на „Чамбара“ се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил и Србија.

Инаку, делото беше промовирано во рамките на второто издание на стрип фестивалот „Стрип трип“ кој се случи на 8 јуни во Младинскиот културен центар, во присуство на авторите кои за оваа прилика допатуваа од Италија.

За ова да се оствари, организаторите беа поддржани од Амбасадата на Република Италија во нашата држава, а за објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик од Министерството за култура.

Дополнително, издавачот „Бункер“ веќе 13 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.