Градоначалникот на Сарај избегна кривичен прогон за дивите платформи во споменикот на природата Матка

Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење што Антикорупциската комисија (ДКСК) ја поднесе против градоначалникот на Сарај во однос на дивите платформи на Матка.

Иницијативата за кривично гонење ДКСК ја поднесе поради сомненија дека пријавениот Блерим Беџети свесно и намерно не презел дејствија и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти.

Со тоа, се вели во соопштението, на физички и правни лица им овозможил бесправно да изградат деловни објекти од локално значење и времени објекти – платформи на езерото Матка, да стопанисуваат со нив и да остваруваат противправна имотна корист за себе и за друг.

„Постапувајќи по поднесената пријава, надлежниот јавен обвинител поднесе барање за собирање потребни известувања до Државниот управен инспекторат и до градоначалникот на општина Сарај, до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до општина Сопиште. Од податоците доставени од Државниот управен инспекторат произлезе дека инспекторите од овој инспекторат извршиле вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај во врска со постапувањето во наведените предмети, при што на 10.06.2019 година бил составен записник со наод за утврдена состојба и констатирани недостатоци во управното и канцелариското работење. Притоа било донесено решение со кое градоначалникот на општина Сарај бил задолжен да преземе мерки и дејствија во негова надлежност и во определен рок да ги отстрани недостатоците. На 21.08.2019 година инспекторите извршиле контролен инспекциски надзор при што е утврдено дека градоначалникот целосно постапил по решението на Државниот управен инспекторат и ги отстранил претходно утврдените недостатоци и против него не се преземени наредни дејствија“, стои меѓу другото во соопштението на Обвинителството.

А1он вчера пренесе изјава на претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, која потврди дека добиле одлука за отфрлање на нивната иницијативата, а образложението на Обвинителството го окарактеризира како „смешно“.

„Образложението е смешно. Сите сме сведоци на тоа што се случува, на узурпацијата, а велат дека нема основи за јавнообвинителска одлука. Ќе побараме одлуката да се преиспита, како и да се изврши контрола врз неа од повисоките инстанци“, изјави Ивановска за А1он.

ДОМ денес излезе со реакција дека е длабоко разочарана од одлуката на Јавното обвинителство.

„Даваме целосна поддршка на ставот на Антикорупциската комисија за преиспитување на одлуката на Обвинителството и контрола од повисоките инстанци“, велат од ДОМ.

Од партијата потсетуваат дека на почетокот на минатата година, Инспекторатот на Град Скопје изврши инспекциски надзор со кој констатираше дека платформите на Матка се бесправно изградени.

„Антикорупциската комисија утврди дека градоначалникот на Сарај и покрај законската обврска не ги одбил барањата за легализација и со своето непостапување го оневозможил отстранувањето на дивоизградените платформи на Матка. Со тоа, тој дозволи узурпација на природното наследство во заштитеното подрачје-споменик на природата Матка, за што мора да има одговорност“, реагираат од ДОМ.

Еко-активистите досега на неколку пати реагираа дека кањонот Матка е прогласен за Споменик на природата уште во 1994 година, па побараа од властите да го заштитат ова подрачје од било какви градежни активности.

Во членот 76 став 3 од Законот за природа пишува дека во спомениците на природата и во нивната непосредна близина не се дозволени активности кои ги загрозуваат нивните обележја и вредностите, заради кои се прогласени за споменици на природата.

Досега, ненадлежни за дивоградбите на Матка се прогласи Инспекцискиот совет, кој е самостоен орган формиран за да ја координира работата на 30-тината инспекциски служби. Исто така, за ненедлежно се прогласи и Министерството за животна средина, но и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, откако Министерството за транспорт и врски ги повика да излезат на терен. Законот за градење предвидува низа ингеренции на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во услови кога општинскиот овластен градежен инспектор не си ја врши работата.

Инаку, познато е дека природните вредностите на споменикот на природата Кањон Матка произлегуваат од големото богатство и диверзитетот на видовите. Поединечни растителни и животински видови регистрирани во оваа заштитена област имаат посебно значење, со оглед на фактот дека тие се опфатени со меѓународните инструменти за заштита на природата, односно видовите се вклучени на прилозите на меѓународните конвенции, договори, директиви на ЕУ за заштита на природата и IUCN Црвената листа на загрозени видови.

Според IUCN, Матка е III категорија, односно „заштитено подрачје управувано главно за конзервација и специфични природни карактеристики“.

Лани во март заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули рече дека во понапредна фаза е нов Закон за Матка, со кој ќе се дефинираат зоните, која зона ќе биде за строга заштита, која е за активно управување, и која за одржлив развој.

Бојан Шашевски