Градоначалникот Мерко ги отстапи урбанистичките ингеренции за Струга на Владата

Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, преку писмо до Владата објави дека ги отстапува ингеренциите во областа на урбанизмот и спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО на централната власт.

Во писмото Мерко вели дека одлуката ја носи поради негативната кампања која во јавноста се води против него и против градот Струга, додавајќи дека во неговиот мандат не е изградена ниту една дивоградба, ниту пак е узурпирано државно земјиште кое нанесува штета на еколошката состојба на градот.

„Имајќи ја предвид мојата отвореност и транспарентност како човек кој доаѓа од бизнис заедницата, како и последните случувања и неможноста да им излезам во пресрет на бизнис заедницата и на граѓаните на Општина Струга и да им помогнам да го развиваме нашиот град и да опстоиме во неговиот развој во насока на спроведување на законите во Република Северна Македонија, јас како градоначалник на Општина струга, имајќи ги предвид и последните случувања и политичката состојба во државата, одлучив да ви ги отстапам ингеренциите во областа на урбанизмот во делот на издавање на дозволи за градба, легализација на објектите, издавање концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО“, стои во писмото адресирано до членовите на Владата.

Во писмото, Мерко посочува дека за оваа одлука ќе бидат известени сите дипломатски претставништва, министерства и медиуми со цел да се прекине негативната кампања кон него и кон жителите на Струга.

Премиерот Зоран Заев пред два дена најави дека ќе се рушат дивоградбите во охридскиот регион, и дека ако тоа не го направи локалната власт, ќе го направи централната власт преку одземање на ингеренциите.

Во текот на март, неколку пати беше запалена трската на струшкото крајбрежје што предизвика голем револт кај граѓаните.