Заев: Дивоградбите во Охрид ќе се срушат, ако не од локалната тогаш од државната власт

Премиерот Зоран Заев најави рушење на сите дивоградби во Охрид кои не можат да се легализираат, посочувајќи дека доколку тоа не го направи локалната власт, ќе го направи централната власт по одземање на ингеренциите.

Заев оваа изјава ја даде откако на пресконференцијата во Владата беше запрашан околу предупредувањата од УНЕСКО во врска со дивоградбите, како и за ситуацијата со ресторанот на советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини, во централното градско подрачје кај Чинарот, кој иако нема градежна дозвола изминатава недела започна со работа.

„Сега за сега локалната, но се надевам, многу бргу и извршната власт, ќе покаже што значи законот и владеењето на правото. Дивоградбите треба да се срушат затоа што не можат да се легализираат. УНЕСКО е екстра причина. Разговарав со градоначалникот на Охрид дека очекувам да се постапи согласно закон, ништо помалку и ништо повеќе, ни мускули ни сила. Ако не се постапи, најавувам одземање на надлежностите, како што сум му најавил на господинот Мерко (градоначалникот на Општина Струга н.з.). Ако не го спроведат законот, јасно е пропишано како се одземаат надлежностите и тогаш државата постапува. Законот мора да важи за сите. Апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник Нефи, да си ги отстрани дивоградбите кои не можат да се легализираат, затоа што државата ќе ги тргне. Затоа што загрозен е Охрид со УНЕСКО, затоа што граѓаните реагираат, затоа што тоа е неправда“, изјави премиерот.

На 43-тата сесија на УНЕСКО, македонските власти добија рок до февруари следната година да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства на Охрид за регионот да не биде ставен на листата на Светско наследство во опасност. Главното барање на УНЕСКО е прогласување на мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.