Градоначалничката ги обвини за „ситен популизам“ планинарите кои боеја пешачки премини во Битола

Откако вчера членови на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ со бела боја ги обоија избледените пешачките премини кои водат до основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола, објаснувајќи дека се наоѓаат во „катастрофална состојба“, општински инспектор констатирал неовластено обележување на сообраќајна сигнализација.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, иако признава дека е евидентна невидливоста на пешачките премини во градот, вели дека: „тоа не смее да се поврзува со негрижа на локалната самоуправа и да се прави ситен популизам“, додавајќи дека треба да се води сметка за квалитетот на бојата.

„Сега, како локална самоуправа, настојуваме дека мора да се побара квалитетна боја која што ќе овозможи да не се бришат пешачките премини во краток период. Таков повик објавивме уште во месец април, но поради новите критериуми, немаше ниту еден пријавен, односно понудувач на тендерот. Потоа веднаш се спроведе втора постапка која што е во завршна фаза, избран е понудувачот, но тече жалбена постапка од друг понудувач. По одлуката, ќе се спроведува обележувањето на хоризонталната сигнализација. Тоа е состојбата со грижата, односно негрижата, која што некој сака да ја наметне во изминатиот период во Битола“, рекла Петровска, во изјава објавена на интернет страницата на општината.

Градоначалничката истакнала и дека се добредојдени иницијативите на граѓаните за решавање на проблемите во градот, но дека тие треба да се спроведуваат во законски рамки и со соодветна правилна намена.

Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ летово собираше донации за да започнат да го обновуваат изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер, но членовите информираат дека поради опструкции со кои се соочуваат дел од донираните средства ги насочиле во оваа акција за освежување на пешачките премини во Битола. Вчера тие најавија дека планираат оваа акција да се спроведе пред сите битолски училишта каде пешачките премини се во лоша состојба.